По средбата меѓу Металург и Чеховски Медведи се одржа редовната прес-конференција, на која двајцата тренери го искоментираа завршениот натпревар.
Александар Јовиќ: “Чеховски Медведи денеска не надиграа и не победија во една чесна борба. Ние потфрливме во одбраната, а ниту борбеноста не ни беше на потребното ниво. Направивме и многу технички грешки во нападот кои беа казнети со противничките контри и полуконтри. За жал, и нашите клучни играчи, тие што имаат најголема минутажа, не беа на своето вообичајно ниво. Треба да направиме добра анализа и да видиме што треба да се поправи за следниот натпревар. Ни се укажа шанса за второто место во групата, но не ја искористивме. Приоритет ни е да играме подобро од натпревар во натпревар. Но, ако досега одевме чекор напред, сега се вративме два чекори назад. Тешко е да им се пренесе на овие млади играчи дека на секој натпревар мораа да играат максимално и во одбрана и во напад. Можеби тука има и моја вина“.
Мартин Томовски: “Чеховски Медведи комплетно ја заслужија победата. Дадоа се од себе за да се радуваат на крајот. Ние отворивме лошо и противникот ги казни сите наши грешки, создаде разлика која потоа успеа и да ја задржи. Ние цело време моравме да го бркавме резултатот, но не успеавме да ја достигнеме негативата. Најблиску што дојдовме беа трите гола на крајот од средбата“.
Многу порасположен беше тренерот на гостинскиот тим Владимир Максимов: “Нашата одбрана беше одлична на стартот на натпреварот, а во нападот лесно ги користевме грешките што ги правеше Металург, особено кога играа без голман, па постигнавме четири голови на ваков начин. Голманот Павленко имаше одлична вечер. Тој бранеше добро и ќе повторам дека одбраната и голманот се најзаслужни за денешната победа“.
Владимир Максимов дури се обиде и да се пошегува, па вети: “Сега ќе го победиме Мотор Запорожје, следната недела, и Металург повторно ќе има шанса во борбата за второто место“.
Дмитри Павленко: “Ова е наша прва победа во ова натпреварување во тековната сезона. Моите соиграчи многу ми помогнаа во одбраната, а без тоа немаше да можам да бранам на ова ниво. Честитки до Металург, кој беше борбен до самиот крај, но сепак се радувавме ние“.