Европскиот првак Вардар викендов повторно гостува во меч од Лигата на шампионите. Овојпат вардарци патуваат за Хрватска кај ППД Загреб со надеж да ја продолжат добрата серија во досега се непоразени.
Ова ќе биде трета средба сезонава меѓу Вардар и Загреб откако во првите две хрватскиот шампион гостуваше во Скопје, каде беше поразуван и во Лигата на шампионите и во регионалната СЕХА конкуренција.
Вардарци за Хрватска отпатуваа комплетни, бидејќи во тимот се врати и Рожерио Мораеш кој имаше повреда и пропушти неколку средби.
– Сега е слична ситуација како лани. Одиме во Загреб како фаворити. Лани ние игравме добро 45 минути, имавме пет гола, па загубивме. Треба да имаме почит кон ривалот, да играме 60 минути со мотив и концентрација. Знаеме дека ќе биде тешко, таму секогаш се игра со доста притисок, изјави Раул Гонзалес, тренерот на Вардар.
На првиот меѓусебен натпревар на почетокот на октомври Вардар победи со седум гола разлика (28-21). На тој меч Вуко Борозан постигна четири голови, па токму од него и сега се очекува да биде меѓу поистакнатите играчи.
– Меѓусебе добро се познаваме со Загреб. Верувам дека ќе играат повеќе 7 на 6, и така ќе се обидуваат да имаат предност. Ние сезонава двапати победивме, рутински. Сега не очекува исто така тежок меч. Очекувам екипата да игра можеби и поагресивно во одбрана, со цел да не сопре. Но, ние сме поквалитетни, вели Борозан.
Натпреварот меѓу ППД Загреб и Вардар ќе се игра утре (сабота) со почеток од 20 часот.