Ракометарките на ЖРК Вардар утре ќе го игра натпреварот од 5.коло во група Ц во Лигата на шампионите, и тоа на гостин против Ференцварош.

Тоа ќе биде дуел што ќе реши која екипа ќе биде прва на табелата и колку бодови ќе пренесе во следната фаза. Вардар веќе обезбеди место во следната фаза од ЛШ, а во зависност од исходот на овој натпревар ќе знаеме колку бодови ќе пренесеме. Засега два се сигурно и тоа од триумфот против Ференцварош во Скопје кога на почетокот на октомври во 1.коло црвено-црните забележаа победа со 34-31.

– Не треба да се плашиме од ништо. Игравме со нив и знаеме дека се незгоден тим. Првиот меч во Скопје не е вистинска слика. Тие потоа ја подобрија формата и одиграа еден одличен натпревар со Ѓер. Сигурно дека таа емоција уште ги носи. Ќе биде тешко, навивање на трибините и полна сала. Драго ми е што имаме ваков меч, тој ќе покаже каде сме со формата. Ако добро одговориме на оваа задача, односно предизвикот Ференцварош, тогаш сме подготвени за високи дострели, смета Драгана Цвијиќ.

На овој меч вардарки не ќе може да смета на повредените Андреа Лекиќ и Мирјета Бајрамовска.

Дуелот на првата позиција меѓу Ференцварош и Вардар е закажан за в сабота со почеток од 13 часот и 30 минути.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/11/2017 02:36