Европскиот првак Вардар конечно успеа да триумфира во Загреб на дуелите против ППД Загреб, победувајќи со 29-23 (15-10) во меч од 7. коло на групната фаза од лигата на шампионите. Ова е наш прв триумф на теренот на хрватскиот првак, а шести сезонава, за 51 триумф воопшто во ЛШ.
За „црвено-црните" продолжува добрата серија во ЛШ со 13 натпревари по ред на кои освојуваме бодови. Во меѓусебните дуели во ЛШ, сега Вардар има четири триумфи против ППД Загреб, на 10-те одиграни натпревари. Вардар останува лидер на табелата во А групата од лигата на шампионите со 13 бода од седум натпревари.
Кога одбраната е добра, нападот концентриран, а Штербик на ниво, тогаш победата е загарантирана. На мечот во Загреб сите овие предуслови беа исполнети.
Од самиот почеток се виде дека Вардар сериозно ја има сфатено работата, и поучен од лани кога имаше предност во вториот дел а потоа загуби сега не му дозволи на домаќинот ниту да се понадева на нешто. Штербик имаше 13 одбрани во првото полувреме, повеќе од бројот на постигнати голови на противникот. Нападот на Вардар имаше ефикасност од 58 отсто, а одбраната беше на 65 отсто.
За 15 минути Штербик нанижа осум одбрани, а кога Вардар поведе со 10-5, тоа беше најава за доминацијата на нашиоте момци. Ништо не ги поремети во намерата да победат, да имаат солидна предност. Играа одлично, и имаа решение на играта „седум на шест" на противникот. Знаеше Раул Гонзалез како да ги распореди силите, па тргна со Рожерио Мораеш на пивотмен, и Криштопанс на бек. Иако игравме цел натпревар без Лука Циндриќ, неговиот партнер Игор Карачиќ добро ја организираше играта, имаше и одлични асистенции. Најважно беше да се погоди, и тоа добро ни одеше. Петте гола предност на полувреме без одбраз на разликата во квалитет.
Во вториот дел брзо направивме и предност од „плус 9" за водство 24-15, како најава дека ништо нема да прпеуштиме на случаноста. Грабевме кон првата победа во Загреб воопшто во нашите меѓусебни дуели во европските купови. На крајот нашиот напад заврши со ефикасност од 64 отсто, а одбраната беше на ниво од 44 отсто. Остануваме екипа со најдобрата одбрана во лигата на шампионите сезонава.
Следниот наш противник е Рајн Некар.