Повеќе од две недели екипата која работи на филмот „Ефектот на среќа“ (The happiness effect) во режија на Борјан Зафировски снима приказна за универзалната потрага по среќа на различни локации низ Скопје и Охрид, а во моментов се работат сцени во студиото на Fx3x. Главните ликови во ова остварување ги толкуваат: Дејана Попоска, Сашко Коцев и Ана Стојановска додека во останатите улоги се појавуваат Сара Анастасовска, Јовица Михајловски, Петар Арсовски и Мими Таневска. Покрај тоа што е режисер, Зафировски го напиша и сценариото во соработка со познатиот македонски драматург и писател Дејан Дуковски.
Дејството во „Ефектот на среќа“ е сместено во Македонија, но приказната е универзална и е поврзана со личната потрага по среќа и по смислата на животот што се прашања кои се заеднички за сите луѓе без разлика од каде доаѓаат.
– Работата на еден игран филм е макотрпен процес кој честопати трае со години. Долг е патот од идејата до реализацијата, но досега изодевме голем дел од тој пат. Задоволен сум од соработката со целата екипа и секако од актерите со кои комплетно се разбираме во тек на креативниот процес што е показател дека се приближуваме кон добар производ. Кога има разбирање, соработка и конструктивна размена на мислења, верувам дека успехот е неизбежен. Откако ќе завршиме со снимањето следува монтажа, постродукција и уште многу други сегмементи кои се клучни делови од создавањето на еден игран филм. Но засега сите наши сили се насочени кон тоа да снимиме добри сцени и да го извадиме максимумот – вели режисерот Зафировски.
„Ефектот на среќа“ е во продукција на „Ново Македонско Видео“, а најголемиот дел од буџетот е обезбеден од Агенција за филм на Република Македонија. Копродуценти се „Њу Момент“, „Видео Хаус анимејшн“, Национален центар за филм на Република Албанија и Центарот за филм на Косово.
– Со самиот факт дека во оваа приказна влегоа и Националниот центар за филм на Република Албанија и Центарот за филм на Косово, е доволен доказ дека е препознат потенцијалот на „Ефектот на среќа“. Земајќи ја во предвид универзалноста на приказната во која може да се пронајде секој човек како и квалитетот на производот околу кој уште од самиот старт не правиме никакви компромиси, веруваме дека ќе ни се отворат врати и за голем број на фестивали и кон интернационалниот пазар – истакнува продуцентот Сашо Пешев.
Главната машка улога во „Ефектот на среќата“ му припадна на познатиот глумец Сашко Коцев кој вели дека градењето на ликот на Игор му било предизвик.
– Сакам да влегувам во проекти во кои ќе пробам нешто ново и ќе ми претставуваат актерски предизвик. Овој проект влегува токму во таа категорија. Задоволен сум од тоа како досега тече процесот, атмосферата на снимањето е релаксирана поради што сме попродуктивни и конструктивни во работата. Се надевам дека така ќе остане до последниот ден на снимање и ќе добиеме производ од кој сите ќе се гордееме – посочува Коцев.
Како дел од активностите врзани со филмот „Ефектот на среќа“ на социјалните мрежи (Facebook, Instagram, Twitter) е отворен повик до сите заинтересирани да постираат видео или фотографија од тоа што ги прави среќни и притоа да го искористат хаштагот #TheHappinessEffect. Најдобрите видеа/фотографии ќе се појават во филмот режиран од Борјан Зафировски.
Снимањето на „Ефектот на среќа“ ќе продолжи и во следните 10-ина дена на различни локации во Скопје.