Европскиот вицепрвак Вардар е на добар пат според посакуваното и планираното да го заврши првиот од настапот во лигата на шампионите сезонава. На досегашните пет средби имаме пет победи, а во 6. коло играме со Турингер, меч на кој „црвено-црните" се фаворити. И покрај оваа улога вардарки се свесни дека со Германките нема да биде лесно, иако на првиот дуел во гости триумфиравме со 29-21.
Натпреварот Вардар - Турингер се игра во петок во 19 часот во СЦ „Јане Сандански".
Билетите за истиот меч се веќе во продажба и се продаваат на билетарницата на салата и преку www.ticketplus.mk.
Вардар е сигурен патник во следната фаза, и со триумф во петок ќе пренесе 8 бода во следната фаза од натпреварувањето. Таму ќе играме во јануари и февруари 2018 уште шест натпревари со првите три екипи од Д групата. Турингер се надева дека ќе можат да се протнат во следната фаза, дури и со пораз од Вардар. Сѐ ќе зависи од неделниот натпревар меѓу Ларвик и ФТЦ. Норвежанките исто така мора да освојат бодови ако сакаат да одат натаму.
На овој меч со Турингер нема да настапат Андреа Лекиќ и Мирјета Бајрамовска поради повреда.
Ирина Дибирова - тренер на Вардар
„Ова е последен меч во групната фаза и е особено важен за нас. Потребни ни се овие бодови за да можеме да пренесеме повеќе бодови во следната фаза. Имаат добра екипа, иако ги победивме со осум гола разлика. Тоа сега нема ништо да значи, и тие ќе се борат за бодовите бидејќи и нив им е важно да освојат бодови. Ќе се бориме сите 60 минути и верувам ќе ги израдуваме навивачите".
Јованка Радичевиќ - играч на Вардар
„После важната победа во гости кај ФТЦ малку се опуштивме, бидејќи тоа ни беше прва цел. Но сега веднаш се свртевеме за овој меч со Турингер, и на максимални подготовка за она што следи. И тие доаѓаат со намера да победат и овие бодови и нив им се важни. Ништо не значи што ги победивме во гости ако сега не ги сфатиме сериозно. Нема да биде лесно, тие играат сите 60 минути на исто ниво без разлика дали се на гости или дома. Така играа и кај ФТЦ. Треба да имаме максимално сериозна одбрана, тоа ќе биде важен клуч за победа. Заслуживме салата да биде полна, а ние ќе возвратиме со добра партија на терен и победа.
Гордана Нацева - претседател на Вардар
Вардар полека се движи кон она што го зацрта. Ни беше примарна цел првото место во оваа фаза. Клубот е задоволен што овие пет натпревари ги одигравме доминантно и со максимален број бодови. Очекувам и сега на последниот меч да биде така. Ме радува што тренерот и играчите зборуваат за сериозност, бидејќи Турингер сигурно ќе дојде за да победи зашто и нив им се потребни овие бодови. Тие ќе се борат да не загубат со висока разлика. Потоа имаме доволно време, за тренерите и играчите да се подготвиме за втората рунда за пласман на Ф4.