Во Дом на АРМ вечер од 20 часот концерт ќе одржи познатата џез-музичарка од Турција Елиф Чаглар, која со својот квартет првпат гостува во Скопје. Концертот го организира Дирекцијата за култура и уметност-Скопје (ДКУС) во соработка со Турскиот културен центар „Јунус Емре“, и е во рамки на 18. Есенски музички свечености.

Елиф Чаглар студирала џез-композиција на универзитетот „Билги“ во Истанбул, а во 2006 магистрирала во Њујорк на академијата „Арон Копланд“, под менторство на џез-вокалистката Шеила Јордан. Чаглар настапувала на голем број меѓународни фестивали. Нејзиниот прв носач на звук „M-U-S-I-C“ издаден од Nu-Dc Records е прв во турската музичка историја со оригинални авторски композиции на англиски јазик и аранжмани напишани од жена вокалист.

Елиф Чаглар на прес-конференција денеска рече дека концертот што првпат ќе го одржи во Скопје ќе биде посебен.

- Ќе има посебна димензија, посебна возбуда и духовна состојба. Ќе изведеме репертоар со песни кои веруваме ќе ги сака публиката во Скопје, а кои ние со задаволство ги изведуваме, истакна Чаглар која важи за една од најдобрите џез-музичарки во Турција.

Покрај неа, во квартетот се и Чагри Сетел на пијано, Волкан Хурсевер на контрабас и Едиз Хафизоглу на тапани.

Директорот на Турскиот културен центар „Јунус Емре“ Шемсетин Шеќер рече дека Елиф успешно компонира турски хитови во џез-аранжмани и дека вечер ќе приреди спектакл во Скопје.

Никола Глигоров, директор на ДКУС, и се заблагодари на турската музичарка што нашла време и желба во својот густ распоред од настани да го посети и Скопје.

- Нејзиното гостување не е случаен настан, туку континуитет на сите досегашни настапи на турски изведувачи на манифестациите што ги организираме - Есенските музиски свечености и Скопско лето, на кое годинава го имавме и познатиот турски музичар Омер Фарук Текбилек, рече Глигоров.

Во професионалната биографија на Елиф Чаглар стои и дека во 2013 година се вклучува во албумот „With Blues to Life“ заедно со блуз мајсторите од Чикаго Џими Брис и Кетрин Дејвис. Додека работела на својот втор албум, Чаглар издала сингл со две оригинални турски композиции. Во Турција двапати ја добила титулата најдобар џез-музичар. Последниот албум „Misfit“ го објавила пред две години.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/11/2017 17:45