Европскиот вицепрвак Вардар е единствената екипа што без пораз и загубен бод ја заврши групната фаза од лигата на шампионите. „Црвено-црните" со 29-21(12-12) го победија Турингер и по 6-те одиграни натпревари во групата вардарки имаат максимални 12 бода. Во следната фаза од натпреварувањето ќе пренесеме 8 бода, по четири од дуелите со екипите што продолжуваат натаму од нашата група.
На девојките им требаше едно полувреме за загревање, по што одиграа како што сакаат и тие и публиката. Гостинските како и вообичаено на гостувањата одат во редуциран број, а во Скопје допатуваа со седум ракометарки и два голмани. Но, тоа нималку не се одрази на нивната игра. Напротив одлични му парираа на европскиот вицепрвак, па дури и кога Вардар имаше водство од 10-6 и 11-7 гостинките не се откажаа.
Играа пожртвувано за секоја топка, се обидуваа да го искористат секој напад и да реализираат. На секоја наша грешка или промашување возвраќаа со гол. Нашата предност се топеше, и во последната минута гостинките израмнија на 12-12.
Факт е дека во добар дел од првото полувреме игравме и со комбинирана екипа, па шанса добија и Керамичева, Саздовска и Петровиќ. Но, сепак Турингер покажа германска упорност и не се предаваше до самиот крај.
Вардарки беа свесни дека се фаворитки на средбата, но тоа не го покажаа во првото полувреме. Премногу опуштено играа, без вообичаената дисциплина особено во одбраната. Гостинките само со една измена цело време се држеа и беа во игра. Секојпат кога ќе заигравме добро правевме разлика, но ни требаше и константност во тоа.
Второто полувреме го почнавме со „најдобрите", и веднаш го преедовме водството. Со серија од 5-0 направивме разлика за водство 20-14 во 39 минута, и тоа беше периодот во кој се реши и победникот. Вардар играше во својот стандарден состав, со они еод првата седморка и тоа веднаш се забележа. Одбраната агресивна и пресече неколку топки, по кои со лесни голови веќе направивме водство.
Во 52 минута Лакрабер повторно зголеми на „плус 7" за водство 25-18, што беше само запечатување на победата. Требаше рурински да се одработат останатите минути од натпреварот. Ина Суслина продолжи во одличен стил бранејќи повеќе топки, некогаш и две во серија. Лакрабер повторно погодува за повисоко водство, 27-19, а Суслина не дозволува таа разлика да се намали. Стигнавме и до девет гола разлика, а со малку поголема концентрација можеше да оствариме и двоцифрена разлика. Тоа ни го овозможи Лакрабер во 59 минута. Тие три минути од натпреварот шанса да брани доби и младата Јована Мицевска, која имаше една интервенција.
Со овој натпревар завршува групната фаза, и ќе има пауза до крајот на јануари 2018 година. Следувааат репрезентативните подготовки за оние што ќе играат на СП во декември во Германија.