Македонскиот репрезентативец во дресот на германскиот ракометен шампион Рајн Некар Ловен Филип Талески ги одигра своите минути во Скопје против Вардар, а на прес-конференцијата тој кажа дека „црвено-црните“ се вистински европски прваци.
– Вардар покажа дека е вистински европски првак. Одигра добар натпревар. Ние постојано го бркавме резултатот, а Вардар знаеше како треба да игра. Мора да направиме добра анализа за следниот дуел што ќе го играме во Мајнхајм и да ги корегираме грешките, изјави Талески.
Загрижен по поразот втор по ред беше тренерот на гостите Николај Јакобсен. Пред два дена Рајн Некар Ловен загуби во Бундес лигата од Мелсунген.
– Многу сум разочаран од нашата одбрана. Се обидовме многу работи, но против овој Вардар не одеше. Губевме и со седум голови, беше тешко. Се наоѓаме во тешка ситуација. Вардар ја заслужи победата, загубивме од една од најдобрите екипи во Европа, изјави Јакобсен.
Германскиот тим е последниот кој славел победа во Скопје против Вардар, во ланската сезона во групната фаза од Лигата на шампионите.