Вардар е единствен тим во женската лига на шампионите што во Главната фаза тргнува со максимални 8 бода што ги пренесува од мечевите од првиот круг. Противници на „црвено-црните" во борбата за четврт-финале ќе бидат Мец, Будуќност и Битигхајм.
Според распоредот и освоеното место на табелата во првиот круг нашите девојки првиот меч во Главната фаза ќе го играат на домашен терен на крајот од јануари 2018 година. Во време кога ќе се играат натпреварите од машкото ЕП, во периодот од 26 до 28 јануари ќе бидеме домаќини на француски Мец.
Со нив игравме и лани во Главна фаза, и загубивме на гостувањето со 28-42, што е наш највисок пораз во ЛШ. Сега првиот меч го играме во Скопје, а реваншот е на крајот од февруари во Франција.
Вардар пренесува 8 бода во Главна фаза, два повеќе од Мец и четири повеќе од ФТЦ и Будуќност. Германски Битигхајм има два бода, а Турингер стартува без бодови. Сега ќе играме уште дополнителни шест кола, само со екипите од Д групата кои вкрстуваат со нас.
Првите четири екипи од оваа група потоа вкрстуваат со четирите најдобри од другата група и ќе се борат за пласман на Ф4 турнирот во Будимпешта.
Наш традиционален ривал во ЛШ и регионалната лига е Будуќност. И со црногорскиот тим прво се среќаваме во Скопје на почетокот на февруари, а реваншот е на почетокот на март 2018.
Првпат ќе играме со германски Битигхајм, и тоа прво на гости, а потоа и дома.
Распоред на натпревари на Вардар во Главна Фаза
1. коло: (26-28.01.2018) Вардар - Мец
2. коло: (02-04.02.2018) Битигхајм - Вардар
3. коло: (09-11.02.2018) Вардар - Будуќност
4. коло: (23-25.02.2018) Мец - Вардар
5. коло: (02-04.03.2018) Вардар - Битигхајм
6. коло: (09-11.03.2018) Будуќност - Вардар
Табела пред почетокот на Главна Фаза
1. Вардар 8 бода
2. Мец 6
3. ФТЦ 4
4. Будуќност 4
5. Битигхајм 2
6. Турингер без бодови