Вардар останува единствена непоразена екипа во групната фаза од лигата на шампионите откако и од гостувањето во Германија кај Рајн Некар се врати со освоен бод, играјќи 21-21 (11-11). Арпад Штербик го одбрани ударот на Гвардиола во последната секунда од средбата и „црвено-црните“ сега имаат серија од 18 натпревари по ред без пораз. Само во ЛШ оваа серија е 14 натпревари.
Со освоениот бод во Германија сега Вардар има 16 бода, и предност од три бода во однос на второпласираниот Нант. На третото и четврто место се Барселона и Рајн Некар со по 12 бода. Сезонава во групната фаза Вардар двапати ремизираше, и двапати на гости, кај ПИК Сегед и сега кај Рајн Некар. Освоениот бод во гости ја држи отворена вратата од четврт-финалето на ЛШ и директното учество меѓу осумте надобри екипи во Европа.
Двете екипи имаа свои моменти на средбата на кои имаа водство, и ако во целина се гледа натпреварот тогаш ремито е најправеден исход. Имавме многу можности да „избегаме“ резултатски, или пак побрзо да возвратиме на головите на ривалите, но голманите вечерва беа во главна улога. Ние го имавме расположениот Арпад Штербик, а домаќините Андреас Паличка. И двајцата сопрема многу топки, не дозволувајќи никому да направи значителна резултатска предност. Само два гола имаа Рајн Некар и Вардар предност во одредени моменти од средбата.
Домаќините се надеваа дека ќе можат да ја прекинат серијата на гостите, но и самите да излезат од кризата во која се наоѓаат. Во 55 минута Рајн Некар имаше предност од 21-19, и уште неколку шанси да дојдат до „плус 3“. Криштопанс и Дибиров погодија стативи, но Кањељас со гол во 57 минута најави дека нема Вардар да замине со празни раце. Стојанче Стоилов изнуди исклучување кај домаќините, но брзоплетоста во нашиот напад ни донесе техничка грешка откако Криштопанс направи пробивање. Неизвесноста сѐ уште траеше, а откако Рајн Некар погоди статива во следниот напад Иван Чупиќ реализираше за израмнување.
Остануваа само уште 40-тина секунди до крај, а откако домаќините се комплетираа дојде и тајм аутот што се очекуваше. Беа поделени совети, Германците како да нападнат, а ние како да се одбраниме, па ако се укаже шанса и да реализираме гол бидејќи домаќините мораа да ризикуваат и да играат без голман. За 18 секунди тешко стигнуваше топката на линијата од шест метри, но сепак една топка во последните секунди дојде до рацете на Гвардиола. Сите очекуваа сигурен гол, но Штербик по кој знае кој пат докажа дека е во одлична форма, го одбрани тој удар и Вардар освои бод.
Во најголемиот дел од второто полувреме Рајн Некар имаше предност, неколкупати и со два погодока, а Вардар наоѓаше начин да возврати, но истовремено и не успевавме да реализираме за водство иако имавме безброј чисти шанси за нешто такво. Тешко одеше пробивањето на противничката одбрана, а рајн Некар имаше добра тактика како да ги сопре нашите бекови. Немаше шанса за контра напади, а дел од ударите од крила завршија во голманот Паличка.
Вардар ја продолжи добрата серија на игри против Рајн Некар во лигата на шампионите и пак се врати со бодови. Најнеизвесен меч досега одигран во ЛШ меѓу двете екипи. Во првото полувреме Вардар имаше и предност, 8-10 но за две минути примивме три гола по ред, па Рајн Некар направи пресврт за водство 11-10. Дибиров од пенал израмни за 11-11. Одбраните беа тие што се истакнуваа на мечот, па затоа и имаше помалку голови од оечкуваното.
Во следното коло Вардар е домаќин на Кристијанштад во меч од 10. коло по што следува пауза до февруари 2018...