За ракометарите на Вардар продолжува серија на триумфи во регионалната СЕХА Газпром лига каде ја оствари осмата победа сезонава, 30-21 кај Нексе во Нашице, Хрватска. За „црвено-црните" продолжува серијата од 14 победи по ред во СЕХА лигата, и 19 меча по ред без пораз. Остануваме лидери на табелата со максимални 24 бода.

По тешкиот натпревар во неделата во Германија кај Рајн Некар, за нашите момци следуваше врзано гостување во СЕХА лигата. Домашниот тим многупати се покажувал како незгоден ривал и сме имале доста проблеми да ги скршниме нивниот отпор. Тренерот Раул Гонзалез се реши да комбинира составот, шанс ада им даде на повеќемина, со помала минутажа. Така натпреварот го почнавме со Страхиња Милиќ и Мартин Поповски. Се менуваше во стратегијата во напад, сѐ со цел раамномерно да се распределат силите.

Хрватскиот првак до 20 минута имаше сили да држи ритам и наметна темпо кое сакаше да го има за да може да им парира на европските прваци. До тој момент, резултатот беше 9-9, а потоа Вардар „уфрли" во повисока брзина, особено во одбрана, и секоја грешка на ривалот успешно ја реализираше. Првпат направивме предност од „плус 3" за водство 12-9, а во 28 минута имавме и „плус 4" за водство 14-10. Таа предност од четити голови ја имавме и на полувремето.

Само што почна второто полувреме, набрзина постигнавме три гола и веќе избегавме на 18-11. Од таа 34. минута па до крај веќе немаше шанса Нексе да возврати. Вардар веќе зема залет, иако составот пак беше комбиниран со Циндриќ и Карачиќ на бековска позиција, а потоа и Чупиќ па и Поповски на позиција на десен бек. Можевме дури и да испробуваме некои новини.

Во отсуство на Арпад Штербик, на голот го имавме Страхиња Милиќ кој покрај двата седмерци имаше и 12 одбрани. На шест минути до крај на средбата првпат ја раситнивме десетката за водство 18-28. Водството можеше да биде и повисоко, а разликата во квалитет беше очигледна.

Во следното коло, на 5 декември Вардар е домаќин на Војводина.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/11/2017 00:29