Вардарци се подготвени со победа да го завршат и последниот натпревар од ЕХФ лигата на шампионите за 2017 година против Кристијанштад од Шведска. Да ја задржиме бодовната разлика меѓу нас како лидери на табелата во група и другите екипи. Средбата е закажана за в сабота во 17,30 часот во СЦ „Јане Сандански"
Во претходните натпревари со шведскиот тим Вардар секогаш победувал, а како што потенцираа на прес-конференцијата тренерот Раул Гонзалес и капитенот Стојанче Стоилов, немаат намера да ја разочараат публиката.
„Очекувам тежок натпревар зашто Кристијанштад имаат добри играчи. Знам дека сме во многу добра ситуација, зашто сме прво место во групата до феваруари. На гости против Кристијанштад одигравме многу добар натпревар, тоа се противници кои играат брзо, имаат добар контранапад. Против Пик Сегед одиграа многу добар натпревар, многу брза игра. Очекувам и тука в сабота да биде слично зашто имаат многу добри играчи, со искуство и играат брз контранапад. Утре имаме тренинзи. Не се знае сѐ уште дали ќе играат Хорхе Македа и Рожерио Мораеш", вели тренерот Раул Гонзалес.
Досега сме одиграле пет натпревари со Кристијанштад, и на последниот меч кај нив победивме со 26-23. Ова е трета сезона по ред како се среќаваме со тимот од Шведска во групната фаза. Лани исто така првиот меч го игравме во Шведска и победивме со 28-23, а во реваншот во Скопје триумфиравме со 32-29.
„Во сабота играме навидум лесен натпревар, но Кристијанштад не треба да се потценува. На натпреварот со ПИК Сегед покажаа дека се незгодна, динамична екипа. Ако играме како што знаеме ќе ја оправдаме таа фаворитска улога и со победа да завршиме Лига на шампиони. Не треба да се опуштиме, досега немаме пораз и сѐ оди добро, да не ја разочараме публиката на крајот од годинава", вели капитенот Стојанче Стоилов.
Билетите за натпреварот со Кристијанштад се веќе во продажба преку www.ticketplus.mk
Натпреварот со Кристијанштад е закажан за 2 декември 2017 година во СЦ „Јане Сандански" со почеток во 17,30 часот.