Стивен Нзонзи, фудбалерот на Севилја, тренира одделно од остатокот на тимот поради несогласувањата со тренерот Едуардо Беризо, пишува шпанскиот „АС“.

Францускиот играч за врска е во судир со Беризо бидејќи минатиот викенд во натпреварот против Ливерпул во Лигата на шампионите беше заменет во првото полувреме кога резултатот беше 0-3.

Тогаш го напушти стадионот „Рамон Санчес Писхуан“ и не гледаше како на крајот Севилја успеа да стигне до ремито 3-3.

Токму потоа се дозна дека Беризо има рак на простатата, му беше извршена операција, но оттогаш Нзонзи не беше во протоколот за натпреварите против Вилјареал (3-2) во Примера лигата и против Картахена (4-0) во Купот на Шпанија.

Нзонзи е фрустриран од потезите на клубот бидејќи летоска не доби дозвола да оди во Јувентус, освен во случај на понуда од 40 милиони евра, колку што шампионот на Италија не е подготвен да плати. Пред да дојде во Андалузија во 2015 година, Нзонзи играше за Стоук, Блекбурн и Амиен.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/12/2017 19:52