Македонската филхармонија и Црногорскиот симфониски оркестар вчера потпишаа меморандум со цел да се зајакне соработката на двата национални оркестра. Меморандумот беше потпишан во Амбасадата на Црна Гора во Скопје, во присуство на амбасадорот Предраг Митровиќ и претставници од Министерството за култура.
- Како носители на симфониското музицирање и како столбови на културата во двете земји, оркестарот на Македонската филхармонија и Црногорскиот симфониски оркестар со потпишување на меморандумот се обврзуваат на квалитетна соработка и размена во период од две години, почнувајќи во 2017 година. Соработката ќе се одвива на полето на размена на солисти и диригенти, музички материјали, како и преку гостување на оркестрите во Скопје и Подгорица, соопшти Филхармонијата.
Оттаму посочуваат дека меморандумот, всушност, претставува операционализирање на веќе потпишаната културна соработка на двете земји за периодот од 2016 до 2019 година.
По повод потпишаниот меморандум, Црногорскиот симфониски оркестар вчеравечер одржа концерт во Македонската филхармонија, под диригентство на Григориј Краско. Тое беше и прво гостување на симфониски ансамбл во новата концертна сала на Македонската филхармонија. Како солист настапи реномираниот гитарист Горан Кривокапиќ, а беа изведени дела од Мусоргски, Родриго и Кодај.
- Македонската филхармонија се покажа како добар домаќин, а и гостите очигледно беа задоволни од нивното гостување во Скопје, особено од позитивните реакции на присутната публика која со бурните аплаузи изнуди дури два биса од црногорските музичари, соопшти денеска Филхармонијата.