Французинот има нови проблеми? Пол Погба, фудбалерот на Манчестер јунајтед, би можело да биде дополнително казнет поради исклучувањето на натпреварот со Арсенал.

Како што пренесуваат англиските медиуми, Пол Погба би можело да помине уште полошо доколку ФА го уважи записникот на судијата по дербито со Арсенал.

Наводно, Погба автоматски ќе добие суспензија на три натпревари поради директниот црвен картон, но тоа не е сè. Французинот, исто така, е обвинет и за подоцнежно неспортско однесување, односно непочитување на судиската одлука, бидејќи аплаудираше на патот кон тунелот.

На Островот потсетуваат дека од таа причина Нејмар минатата сезона доби суспензија на четири натпревари кога по исклучувањето му аплаудираше на главниот арбитер.

Се стравува дека Погба би можело да добие суспензија барем од уште еден дополнителен натпревар поради аплаудирањето, а во тој случај покрај натпреварите со Манчестер сити, со Борнмут и со Вест Бромич албион, би го пропуштил и натпреварот од Лига купот со Бристол сити.

Доколку казната му биде зголемена за уште два натпревара, тогаш нема да игра ниту против Лестер во гости на 23-ти декември, но тоа е малку веројатно.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/12/2017 18:23