Книжевната награда Балканика 2015 е доделена на книгата „Играта, падот од небото“ на Башким Шеху од Албанија, а Балканика 2016 ја доби книгата „Црн хумор“ на Мурат Озјашар од Турција. Одлуката беше донесена во Скопје каде што викендов во неколку сесии работеше меѓународното жири.

Него го сочинуваа седум книжевни критичари од секоја од државите-членки на Балканика, на чело со претседателот на жирито - проф. Ендрју Вахтел од САД. Тие синоќа и ги донесоа одлуките за победници во конкуренцијата од седум книги.

Македонски претставник во трка за Балканика во 2015 беше Владимир Јанковски со „Невидливи љубови“, а за Балканика 2016 - романот „Но-Уи“ на Лидија Димковска која влезе и во најтесен избор за наградата која му припадна на авторот од Турција.

Според жирито, делата имале особено високо ниво на професионализам и било тешко да се стесни изборот и на крајот да се избере победникот. Романот победник за 2015-та („Играта, падот од небото“ на албанскиот писател Башким Шеху) покрива голем временски период, од 1940 до раните 2000-ти, иако главно се сосредоточува на периодот од седумдесеттите до деведесеттите.

Одлуката да биде награден била едногласна, а претседателот на жирито Вахтел истакнал дека е сложено изграден роман кој остава длабок и силен впечаток.

- Тој го присилува читателот да се соочи со тешки и непријатни прашања кои се однесуваат на универзалните прашања на вината и невиноста, на изградувањето фигури на авторитет, како и на тоа дали е возможно да се постигне некој вид рамнотежа и среќа по некоја длабока траума, истакнал Вахтел во образложението.

За кандидатите за Балканика 2016 тој во образложението наведува дека „во жестока борба за првата награда беа две многу различни дела“.

- Првото беше она на Лидија Димковска, „Но-Уи”. Некој вид семеен роман што ни ја раскажува приказната за една баба и внука наспроти заднина изградена од дваесеттиот и дваесет и првиот век во Европа во која идентитетите секогаш се поместуваат и се доведуваат во прашање, а наративите мораат да бидат кажани и прераскажани во повеќекратни контексти. Второто дело беше збирката кратки раскази „Црн хумор” на турскиот/курдски писател Мурат Озјашар. Најмоќните раскази во оваа збирка го опишуваат тешкото битисување на курдското население на Турција со жестока и цинична, речиси хируршка прецизност, навел Вахтел.

Доделувањето на наградата го организираше издавачката куќа „Магор“, која го организира и изборот на национален претставник за книжевната награда.

Фондацијата Балканика е основана во 1996 година од релевантни издавачки куќи од седум држави од Балканот: Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, Турција и Романија. Седиштето на Балканика е во Софија, а претседател е Николај Стојанов. Од Македонија досега наградата ја добиле двајца македонски автори - Венко Андоновски за романот „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев за книгата раскази „Човечулец“.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2017 03:44