Денеска во Белград во рамките на Високиот совет за соработка меѓу четирите држави, српскиот претседател Александар Вучиќ се сретна со премиерите на Грција, Алексис Ципрас, на Бугарија, Бојко Борисов и на Романија, Михај Тудосе.
На денешната средба главен акцент беше ставен на поддршката на овие три членки на ЕУ за забрзување на европскиот пат на Србија преку економска соработка, но и на останатите земји на Западниот Балкан преку решавање на проблематичните односи.
Премиерите на Бугарија, Грција и Романија истакнаа дена изразиле голема поддршка за Србија за евроинтеграциите и за нивно забрзување со надеж дека следната 2018 година, со бугарското претседавање на ЕУ може да биде пресвртница за евроинтеграциите на Србија и на останатите земји на Балканот.
Претседателот на Србија, Вучиќ истакна дена сите проблеми кои ги има Србија на патот кон ЕУ појасно ќе се решат доколку ја има поддршката на Грција, Бугарија и Романија.
– Србија го штити мирот и стабилноста во регионот, изјави Вучиќ, а нејзин приоритет е економскиот развој, напредокот, европската иднина. – Но ние нема да ги рушиме пријателствата кои со години ги градевме, додаде Вучиќ, мислејќи на Русија.
Според премиерот на Бугарија, Борисов, Балканот не е само географски дел од Европа, туку е и неотуѓив дел на европската идеја.
– Сакаме да ги почитуваме европските правила-владеењето на правото, слободата на говорот, поголеми плати и привлекување на инвестиции. Нашето пријателство не е вперено против никого, ниту против Русија, Турција, САД или ЕУ, само сакаме да привлечеме инвестиции, да можеме да градиме инфраструктура, бидејќи таму кај што се гради, нема војна, изјави Борисов.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас потврди дека на состанокот се разговарало за унапредување на економската соработка за сообраќајно, инфраструктурно и енергетско поврзување меѓу четирите држави.
– Разговаравме за изградбата на гасоводот ТАП од Азербејџан, но и за гасоводот од Турција кон Грција, изградбата на лебдечки платформи кај Александропулос кој ќе стане чвориште, бидејќи се договоривме да изградиме вертикална оска која ќе го поврзе Трансјадранскиот гасовод со оваа вертикална оска кон Бугарија, Србија и Романија, изјави Ципрас.
И српскиот претседател ја спомена намерата на Бугарија да изгради европски хаб покрај Црното Море од каде би доаѓале повеќе цевководи кои тука би се сливале – и од Турски тек и од Александропулос и од Романија, од каде и Србија преку Бугарија би земала гас.
Борисов појасни дека со гасната интерконекција не постои конкуренција помеѓу гасоводите, туку тие се надополнуваат.
– На регионот му е потребно повеќе гас и подобри транспортни коридори, изјави Борисов, додавајќи дека еднаш кога ќе ги имате сите поврзувања, тогаш тие мораат само да се прошират.
Четворицата лидери разговарале и за железничко поврзување и модернизација на пргуите Солун-Белград, како и поврзување на Солун и Кавала со Бургар и Букурешт и Белград со Софија, кон Истанбул.
Србија и Бугарија претходно потпишаа Меморандум за намалување на цените на роамингот, а романскиот премиер Михаил Тудосе најави дека следниот состанок на четворицата лидери ќе биде во март идната година.
Грчкиот премиер, Алексис Ципрас ја спомена и Македонија кој кажа дека 2018 може да донесе некои позитивни случувања доколку владата во Скопје се одлучи да направи позитивни чекори напред кон решавањето на проблемот со Грција. Тој потенцираше дека Македонија треба да се откаже од реториката и изјави дека се единствени потомци на Александар Велики и да не продолжи со иредентистичките ставови.
– Тогаш можеби и можеме да најдеме некое заедничко решение. Во тој случај јас ќе бидам првиот кој ќе ја гарантирам европската перпективност и безбедност на таа земја. Сакаме иднина за заеднички соживот. Сите страни мораат да презмат одредени чекори, рече Ципрас.
Бугарскиот премиер Борисов се надоврза дека треба да се искористи престојното бугарско претседавање со ЕУ и најави дека следната 2018 година може да биде одлучувчка за евроинтеграциите на Балканот и Македонија.
– Сите земји се важни и не можеме без ниту една од тие земји. Мораме да го решиме прашањето на Скопје. Тоа е важна одредница во нашите односи, која со години причинуваше проблеми. Сега мораме да се обединиме и да и помогнеме на ЕК и на Брисел да донесе вистински решенија, а не да поставува одредени ултиматуми или избори. Сакаме да ја одработиме домашната задача, а до нив е дали ќе прифатат или не, рече Борисов.
Ова е трета средба на лидерите на Србија, Бугарија, Грција и Романија, по состаноците во Солун и во Варна.