Ние, Турција и Грција, не делиме само иста географија, туку и многу заеднички елементи со историска димензија. Секако дека постојат прашања за кои не се согласуваме, но не е мал бројот на прашања за кои можеме да се согласиме, истакнува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во интервјуто за грчкиот весник „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.

Интервјуто е во пресрет на утрешната посета на грчкиот премиер на Анкара каде што ќе се сретне со турскиот претседател, што воедно е и возвратна средба по посета на Ердоган на Атина во декември минатата година.

Турскиот претседател говори за подобрената клима во односите со Грција вели дека „целта е едноставна: решавајќи ги проблемите да го зацврстиме нашето пријателство и да го подигнеме нивото на нашите билатерални односи на историски високо ниво“.

- Зборувајќи отворено и храбро за сите прашања можеме да направиме чекори во правец на решение. Одложувањето не ги решава проблемите. Неопходно е да се надминат со храброст и да се покаже волја за решавање, истакна Ердоган.

Додаде дека потребно е да ги олабават односите меѓу двете земји, „кои се обидуваат да се притиснат меѓу два ѕида и да се срушат тие ѕидови кои се полни со предрасуди“.

На прашањето кој бил најдобар, а кој најлош момент во грчко-турските односи во изминатите години колку што е на власта, Ердоган вели дека „најниската точка“ е одлуката на Грција „да ги заштити и засолни терористите“ по обидот за пуч во Турција во 2016 година, а „најдоброто ниво во односите е Атинската декларација“, што ја потпишаа двете земји во декември минатата година.

-Оваа декларација го означи почетокот на новата фаза во нашите односи. Секако, ова не го сметаме за доволно и работиме за да стигнеме на подобро ниво. Верувам дека оваа декларација ќе биде основа на новите грчко-турски односи и се надевам дека ќе достигнат нови нивоа – рекорди, истакна Ердоган.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/05/2024 16:15