Бриселскиот портал „Политико“ објави листа на 28 личности, кои според неговата анализа, ќе влијаат врз настаните во Европа во 2018 година.
На листата се наоѓаат 18 мажи и 10 жени од 28 земји, меѓу кои има политичари, бизнисмени, уметници и писатели, за кои се очекува дека ќе имаат клучно влијание врз случувањата во Европа во следните 12 месеци.
Според порталот, во 2018 година „политиката ќе се врати во Европа“, па затоа меѓу првите десет личности на листата има осум политичари, односно, како што се наведува во анализата, луѓе кои „водат војна со други средства“.
На првото место на листата на „Политико“ е лидерот на германската либерална Слободна демократска партија (ФДП), Кристијан Линднер, за кој се оценува дека ќе има клучна улога во политиката во Германија, како предводник на сегментот на гласачкото тело кој манифестира воздржаност кон зајакнатата интеграција во рамките на ЕУ.
Порталот оценува дека Линднер е главниот „виновник“ за пропаѓањето на преговорите за формирање на т.н. Јамајка коалиција во Германија, што ја втурна земјата во политичка криза, а него го постави во центарот на дебатите кои уследија.
Во анализата се оценува дека во 2018 година лидерите на ЕУ најголем дел од времето ќе се занимаваат со иднината на Унијата, па во такви услови Линднер би дејствувал како „кочничар“ на заложбите на Берлин и Париз за посилни врски меѓу членките на блокот.
- Повеќе од кој било друг политичар, Линднер, независно дали ќе биде дел од владата или надвор од неа, ќе влијае врз тоа колку далеку можат да одат работите, оценува „Политико“.
На второ место е британскиот министер за екологија Мајкл Гоув, кој е оквалификуван како „мозок на Брегзитот“, а на третото е „железната тупаница“ на францускиот претседател Емануел Макрон, министерката за труд на Франција, Муриел Пенико.
Меѓу политичарите во топ 10 на листата се и холандскиот премиер Марк Руте на четвртото место, претседателката на Долниот дом на италијанскиот Парламент, Лаура Болдрини, која е петта, потпретседателот на Европската комисија и поранешниот фински премиер Јирки Катаинен на седмото и известувачот на Европскиот парламент за Брегзит, Ги Верхофстат, која ја заокружува првата „десетка“.
За 2016 година на првото место на листата на највлијателни личности на „Политико“ беше унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој лидерската позиција ја заслужи благодарејќи на засилениот бран на популизам во во Европа, додека лански лидер беше лондонскиот градоначалник Садик Кан, кој ја освои „титулата“ како реакција на спротивставувањето на популистичките политики.