На Вардар му требаа само дваесетина минути да покаже зошто е шампион и во СЕХА лигата и во ЕХФ лигата на шампионите, па против Металург не само што ги освои бодовите со триумф од 31-24 (12-14) туку и покажа дека иако е веќе крај на годината тимот сѐ уште е во врвна форма. Ова беше деветти триумф за Вардар во меѓусебните дуели со Металург со СЕХА лигата. Ја продолживме и нашата серија од 16 натпревари без пораз во регионалното натпреварување и 15 троумфи по ред во 2017 година.
Натпреварот имаше и хуманитарен карактер. Приходот од продажбата на билетите од натпреварот беше наменет за операција за Борче Јовановски (16) кој мора итно да замине на операција во странство на трансплантација на коскена срж. Борче боледува од ретка генетска болест, Бета Таласемија и неговата здравствена состојба се влошува поради што е потребно да замине на лекување во странство.
Двата тима му посакаа побрзо оздравување и покрај дресот на Вардар што го доби пред почетокот на средбата, заеднички се фотографии со Борче.
Металург секогаш му бил незгоден тим за играње на Вардар без разлика кој е домаќин и каде се игра натпреварот. Така беше и овојпат. Во градското дерби во СЕХА лигата гостите од Автокоманда беа без притисок свесни дека играат против европскиот првак и трикратен победник на СЕХА лигата.
Тоа им донесе поголема мотивираност кај играчите кои лесно ги решаваа ситуациите во нападот. Од самиот поечток на средбата Металург имаше водство од два гола, што се провлекуваше низ целото прво полувреме. Гостите играа и поагресивно во одбрана, што се отсликува и од шесте пенали досудени во корист за Вардар. Првите два не ги реализравме, но на следните четири Тимур Дибиров беше прецизен.
Во 17. минута гостите првпат имаа и „плус 3" за водство 9-6. Се играше интензивно и со малку промашувања особено кај гостите. На нашите не реализирани напади Металург возвраќање со добра игра па во 23 минута резултатот беше 13-9 за тимот од Автокоманда.
До крајот на првото полувреме одигравме многу подобро, врзавме и серија од два гола по ред, па и со исклучен играч (Абутовиќ) во нападот се изборивме за пенал што Дибиров го реализираше за намалување на гостинското водство на 12-14.
Второто полувреме го почнавме со Лука Циндриќ на среден бек како единствена промена од составот што го почна натпреварот. Брзо стигнавме до шанса да израмниме, но при резултат 14-15 и покрај одбраната на Штербик во напад направивме техничка грешка, па Металург пак се врати на водство од „плус 2".
Но, тогаш како да уфрли Вардар во повисока брзина, и се почна да се менува на теренот. Дибиров во контра намали на 15-16 и изнудио исклучување на Илиќ. Потоа Шишкарев израмни и веќе беше поинаква сликата на теренот. Вардар ја имаше доминацијата и брзо дојде и водството. Во 42 минута имавме „плус 2", за 19-17. Во одбрана игравме одлично принудувајќи го противникот да греши, а потоа во контра Шишкарев првпат му донесе водство на Вардар од три гола, 2-17. Руското крило во 47 минута повторно погоди за ново водство, 22-18. Вардар веќе не само што водеше туку и доминираше на паркетот. Металург немаше можност да ја пробие нашата одбрана.
Не застанавме тука, па во 50 минута имавме и водство од 25-18, дотогаш највисока на средбата. Ниту двете исклучувања во нашите редови, на Кањељас и Мораеш не му овозможија на гостинот нешто драстично да смени. Металург намали на 25-20. А потоа пак зголемивме на „плус 6„ а потоа и највисоките 27-20. Веќе сѐ беше јасно и се чекаше само крајот на средбата. Се сменија играчи во двата тима, па и концентрацијата веќе почна да паѓа.
Со серија од 3-0 Металург намали на 27-23. А потоа Вардар повторно врза серија преку Борозан и пак зголеми на 30-24. Со голот на Мартин Поповски од пенал „црвено-црните" ја вратија највисоката предност од „плус седум" за триумф 31-24.