Најголемата грчка опозициска партија Нова демократија денеска побара од премиерот Алексис Ципрас да ја објасни неговата изјава дадена во Белград во врска со прашањето за името на Македонија.
Портпаролката на Нова демократија, Марија Спираки, побара од Ципрас да каже дали се уште важи општоприфатената национална позиција формирана на Самитот на НАТО во Букурешт 2008 година дека евентуалното решение за името мора да биде за севкупна употреба односно „ерга омнес“.
Ципрас во саботата во Белград на заедничката прес-конференција со неговите колеги од Србија, Бугарија и Романија изјави дека очекува наредната година да има позитивни случувања во однос на прашањето со Македонија доколку, како што наведе, Скопје одлучи да направи позитивни чекори напред.
- Сметам дека 2018 може да биде година од пресудно значење за проблемите за кои со години се занимаваме со Поранешната југословенска Република Македонија. Можеби 2018 година ќе донесе некои позитивни случувања доколку новата Влада во Скопје одлучи да направи позитивни чекори напред кон решавање на тој проблем. Ако тие се откажат од реториката дека се единствени потомци на Александар Македонски и од своите иредентистички тврдења, тогаш можеби и би можеле да најдеме некое заедничко решение. Во тој случај јас ќе бидам првиот кој ќе ја гарантира европската перспектива безбедност и сигурност на соседната земја, изјави Ципрас.
Барањето на Нова демократија до Ципрас коинцидира со новата рунда разговори за името, што по пауза од три години, денеска и утре се одржува во Брисел.