Актуелниот шампион во СЕХА лигата Вардар вечерва во Велење, со почеток 20:45 часот, го игра последниот натпревар оваа календарска година на гости против Горење. Европскиот првак Вардар нема пораз оваа година во ова натпреварување, па затоа „црвено-црните“ со дополнителен мотив ќе го играат овој натпревар да останат без пораз. По 10-те одиграни кола Вардар е прв со максимални 30 бодови.
– Имаме добра позиција во сите натпреварувања, а ќе бидеме фокусирани максимално на овој натпревар бидејќи секој тим е дополнително мотивиран кога игра против нас. Сакаме да ја завршиме годината со победа над Горење. Ние знаеме дека ќе биде тешко, изјави Раул Гонзалез тренер на Вардар.
Желбата за победа е присутна и кај играчите.
– Знаеме дека секогаш сме фокусирани на победа и тоа е она што ќе се обидеме да го постигнеме во овој последен натпревар во годината и сакаме да ја завршиме сезоната без ниту еден пораз. Ние мора да се фокусираме на нашите перформанси, без разлика кој стои на другата страна. Очекувам победа, истакна за вечерашниот дуел Лука Циндриќ.
Првиот дуел на двата тима Вардар во Скопје го доби со 32:19. Домаќинот Горење се наоѓа на седмото место на табелата со 11 бодови.
– Вардар игра навистина добро, дури и не се сеќавам кога последен пат загубиле натпревар. Ние немаме што да загубиме на овој натпревар и може само да добиеме. Се надевам дека ќе одиграме интересен и допадлив натпревар и очекувам моите играчи да одиграат подобро, изјави Жељко Бабиќ, тренерот на Горење Велење.
Покрај дуелот Горење – Вардар денеска се играат и натпреварите: Мешков Брест – Цеље и Загреб – Татран Прешов.