Регионалната соработка е императив во градењето на добрососедските односи. Учествувавме на повеќе значајни состаноци во рамки на процесот за соработка во Југоисточна Европа, Брдо-Бриони и Самит 100. Република Македонија ја продолжи политиката на градење на добрососедски односи врз основа на принципите на отвореност и взаемно почитување на внатрешните и надворешните политички приоритети на секоја држава во регионот.

Следствено, поаѓајќи од сличните политички, економски и безбедносни предизвици со кои се соочува регионот, од клучна важност е претстојниот самит на Процесот Брдо-Бриони чијшто домаќин ќе биде Република Македонија. Позициониран меѓу формализирањето на стратегијата на ЕУ за проширување и Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија, овој самит ќе претставува можност земјите од регионот да ги усогласат ставовите за регионалната стратегија на ЕУ. Во фокусот на Самитот ќе биде и безбедносното поврзување на регионот. Заканите со кои се соочуваат земјите се преку гранични и интегрирани, за разлика од регионалниот одговор. Затоа, безбедносната поврзаност треба да се промовира како нова синтагма во регионот.

Ја поздравувам посветеноста на Владата на процесот на изнаоѓање на решение за прашањето за името. Надминувањето на ова прашање суштински ќе влијае на стабилноста и просперитетот на целиот регион. Но, истовремено, повикувам на претпазливост. Поради моето осумгодишно искуство, јас не сум ниту оптимист ниту песимист, туку реалист со искуство. Реалноста е дека решението за прашањето на името стана заложник на бирократијата на НАТО и ЕУ. Затоа, решение за разликата околу името со Грција може да се бара само во рамките на Обединетите нации, каде сме рамноправни. Заемно прифатливото решение мора да го почитува нашиот национален идентитет. Не може да се лицитира со идентитетот на граѓаните и уставното име на државата. Неопходно е стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите – Повелбата на Обединетите нации, резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата. Мора да продолжиме да инсистираме на почитување на меѓународното право и меѓународно преземените обврски, бидејќи тие даваат предвидливост и сигурност во светскиот непоредок.

Ја поздравувам конструктивноста во мерките за градење доверба меѓу двете држави. Истовремено, повикувам на нивно проширување со нови содржини. Не постои подобра мерка за градење на доверба во целиот регион од изградбата на Балканскиот канал Дунав-Морава-Вардар. Овој канал засекогаш ќе го промени нашиот регион и ќе го подобри животниот стандард на граѓаните. Јас стојам зад оваа идеја, и веќе имам разговарано со српскиот претседател и грчкиот премиер. Затоа, ја повикувам Владата најитно да формира експертски тим кој веднаш ќе започне да работи со српските и грчките власти за реализација на овој проект.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/12/2017 13:47