Еден од најпознатите светски „свиркачи“, човекот кој откри дека американската разузнавачка агенција „НСА“ ги шпионира американските граѓани, ја претстави својата прва апликација.

Едвард Сноуден моментално се наоѓа во Русија затоа што американските власти распишаа потерница и доколку се врати во САД, би му се судело за шпионажа. Тој во Русија работи на својата прва апликација чија што задача ќе биде - зачувување на безбедноста во вашиот дом.

Апликацијата е наречена Haven, моментално е во прва фаза од развојот и достапна е на Google Play Store. Апликацијата е замислена како личен асистент кој ќе ви овозможи да вршите надзор на својот дом или канцеларија.

Сноуден сугерира Haven да ја инсталирате на некој стар паметен телефон кој што не го користите, а доколку купувате нов телефон специјално за апликацијата, најдобро е да изберете некој од поевтините.

Тоа е логично затоа што уредот ќе служи како надзорна конзола и ќе ги користи сите сензори кои што денес ги имаат паметните телефони. Доколку бидат детектирани било какви промени во просторот кој ќе биде под надзор на Haven, апликацијата ќе испрати криптирани пораки на примарниот уред на корисникот преку апликацијата Signal.

Покрај тоа, Сноуден овозможува и превземање на програмскиот код на Haven, а тоа ќе биде сосема бесплатно. Иако засега оваа апликација за безбедност на вашиот дом е достапна само за Android платформата, не е исклучена можноста да биде во иднина достапна и на iOS оперативниот систем на Apple.

Извор: Точка



Автор: Администратор
Објавено на: 27/12/2017 05:55