Претседaтелот на Генералното Собрание на ОН, Мирослав Лајчак нагласува дека 2017 година била година на пресврт за државите од Западен Балкан, бидејќи сега се повеќе се зборува за проширување на ЕУ.

Тој смета дека „Дејтон 2“ нема да се случи, а Специјалниот суд за злосторства на ОВК треба да биде прифатен и почитуван.

Лајчак наведува дека ЕУ „разбрала дека имаме обврска спрема државите од Западен Балкан дека сме ветиле европска перспектива на тие држави“.

-Тие држави се во процес на реформи и промени и ние треба да го почитуваме нашиот збор, изјави Лајчак за Н1.

Словачкиот дипломат смета дека тоа не е политичка одлука на ЕУ и таа мора да се заснова на резултати од процеси кои се во раце на државите од тој регион.

Во врска со „Дејтон 2“, тој вели дека не се размислува сериозно за тоа и дека не е реално тоа да се случи.

За Специјалниот суд за злосторства на ОВК, Лајчак вели дека би било подобро тоа да оди побрзо.

– Но, тој процес се движи и веќе сите институции се воспоставени. Се очекува почеток на работата и нема стагнација во процесот. Брзината би можела да биде поголема, а силната порака е дека некои обиди и опструкции пропаднале, нагласи Лајчак.

Според него, на Балканот „минатото е премногу прашање за дневно-политичка агенда на политичарите, и ако се занимаваат со тоа тие нема да имаат сила да се занимаваат со иднината.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/12/2017 21:16