Премиерот Алексис Ципрас, вчера, имаше телефонски разговор со премиерот на ПЈРМ, Зоран Заев, по повод неговата посета на Солун, за да му ја честита Новата година, стои во соопштението од кабинетот на Ципрас.
„Контакти на високо ниво за скопското прашање“; „Разговор на премиерот на Скопје со Ципрас и Коѕиас“; „Заев: има волја за решение“; „Оптимизам за решение на името“ – се дел од насловите во грчките медиуми, кои ги пренесуваат изјавите на македонскиот премиер од вчерашната прес-конференција.
За разлика од претходно, кога ретко кога имаше простор во вестите за проблемот со името, сега, последните случувања во македонско-грчките односи се дел од изданијата на централните вести на сите грчки телевизии. Новинарите во нивните прилози детално ги пренесуваат ставовите и од официјално Скопје и од официјална Атина, а акцентот го ставија на телефонскиот разговор на Зоран Заев со Алексис Ципрас и Никос Коѕијас за време на приватна посета на македонскиот премиер на Солун.
– Оптимизам за решение на прашањето за името изразија премиерите на Грција и Скопје, само неколку дена по нивниот телефонски разговор, објави телевизијата Антена, пренесувајќи ги и ставовите на македонскиот премиер.
– Премиерот на ПЈРМ, Зоран Заев, го изрази неговиот оптимизам дека во текот на 2018 ќе се најде решение во прашањето за името и додаде дека со решавањето на овој проблем, земјата ќе успее да се интегрира во НАТО и да започне преговори за интеграција со ЕУ – објави грчката телевизија Алфа, пренесува МИА.
Откако македонскиот премиер, вчера, на прес – конференција откри дека додека бил во Солун, телефонски разговарал со Ципрас и Коѕиас, од кабинетот на грчкиот премиер, синоќа, испратија официјално соопштение до новинарите.