Американскиот заменик-помошник државен секретар задолжен за европски и евроазиски прашања Хојт Брајан Ји во интервју за ТВ Н1 денеска изјави дека Србија има можност да го забрза процесот кон ЕУ.
– Србија треба да одлучи на кое столче сака да седи. Белград мора уште појасно да им покаже на партнерите во ЕУ дека 100-процентно се движи кон членство во европското семејство и дека реформите ќе ги спроведе на најбрз можен начин, изјави Хојт Ји.
– Ние се сметаме за пријатели и партнери на Србија, а вистинските пријатели и партнери не се тие кои говорат само тоа што сакате да го слушнете, туку тоа што морате да го чуете, додаде Ји.
САД веруваат во важната улога на Србија за стабилност во регионот, особено на соработката меѓу Хрватска и Србија.
– Тој однос мора да се подобри оваа година. Мислам дека Србија и Хрватска сфаќаат колку е важно да се решат билатералните прашања… Постоеше политичка желба да се решат овие проблеми, но дојде до прекин и имаше добри и лоши моменти во тој однос. Постои шанса оваа година да дојде до напредок по ова прашање, констатираше американскиот официјален претставник.
Тој нагласи дека „постои желба во ЕУ да прими нови кандидати, доколку тие земји се подготвени на реформи. Србија и другите земји кои сакаат да влезат во ЕУ, колку побрзо ги спроведат реформите, толку побргу ќе дојдат до напредок во пристапување во ЕУ“.
Осврнувајќи се на проширувањето на НАТО, тој изјави дека Алијансата има политика на отворени врати и никого нема да го присилува на членство.
– Оние земји што ги исполнуваат условите се добредојдени да се приклучат кон Алијансата… Постојат некои земји во овој регион кои се надеваат дека ќе се приклучат, не е лесно да се исполнат сите услови, и доколку се подготвени за жртви, тешки одлуки кои се однесуваат на одбраната, но и на исполнувањето на демократските стандарди, владеењето на правото, слободата, овие земји имаат право на избор и ниту една земја нема право да стави вето на тоа, вклучувајќи ја и Русија, изјави Хојт Ји.