Во присуство на грчкиот премиер и претседател на партијата, Алексис Ципрас, политичкиот совет на СИРИЗА, денеска одржа состанок на кој членовите разговараа за последните случувања во прашањето за името, како и за подготовките за централниот комитет на партијата.

СИРИЗА, преку соопштение испратено до медиумите, како што јавува дописникот на МИА од Атина, го повторува ставот на владејачката партија во однос на спорот меѓу Македонија и Грција: сложено име за севкупна употреба.

– На политичкиот совет, беше изразена поддршка на активностите на владата и беше нагласена потребата да се искористи можноста за решавање на долгогодишното национално прашање кое го оставија во наследство претходните влади. СИРИЗА цврсто се залага за взаемно прифатливо решение со сложено име за сите употреби, соопштуваат од партијата, пренесува МИА.

Од партијата велат дека главните цели и на СИРИЗА и на владата се надградба на геополитичката позиција на земјата и консолидација на стабилноста, демократијата и мирот на Балканот, во рамките на активната и повеќе димензионална надворешна политика на земјата.

Политичкиот совет на СИРИЗА што заседаваше денеска, има 11 члена, меѓу кои и вицепремиерот Јанис Драгасакис, министерот без ресор и владин портпарол Димитрис Ѕанакопулос, министерот за дигитална политика, телекомуникации и медиуми, Никос Папас, министерот за финансии Евклидис Цакалотос, заменикот министер за миграциска политика Јанис Балафас, претседателот на грчкиот парламент Никос Вуцис, префектот на областа Атика, Рена Дуру и пратеници од партијата.

Политичкиот совет, што ги разгледува сите теми поврзани со владината политика и извршниот совет, задолжен за организациски прашања се двата органи на политичкиот секретаријат на партијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/01/2018 20:37