Освен економијата и новиот пакет реформи, на дневен ред на денешната седница на Грчката влада, и покрај тоа што не беше главна тема, се најде и прашањето за името.

Спорот меѓу Македонија и Грција, јавува дописникот на МИА од Атина, го спомена грчкиот премиер Алексис Ципрас во неговото обраќање пред министрите.

Ципрас рече дека постои прозорец за решение, доколку навистина има искрена намера од соседите и додаде дека во следните денови ќе се покаже колку е изводливо да се направат суштински чекори во таа насока. Грчкиот премиер истакна дека 2018-та, без сомнеж, ќе биде година полна со предизвици, но и со важни можности што не треба да се испуштат, не само во економијата, туку и во надворешната политика, а како пример го спомена прашањето за името.

– Имаме прозорец за решение, доколку се покаже дека промената на ставот на нашите соседи е искрена. Решение, кое ако се постигне ќе биде во корист на мирот и соработката на Балканот, но и во корист на една нова динамика за нашата земја во поширокиот регион. Во следните денови ќе се покаже колку е изводливо да се направат суштински чекори во оваа насока, рече Ципрас во обраќањето пред министрите од неговата Влада, пренесува МИА.

Грчкиот премиер во присуство на сите членови на неговиот кабинет, меѓу кои и Панос Каменос и Никос Коѕијас, сосема кусо се осврна на спорот со името, а најголемиот дел од неговото 20-минутно обраќање беше посветено на економијата.

Грчките медиуми, јавува дописникот на МИА од Атина, не ја исклучуваат можноста, за време на седницата на Владата, што продолжи зад затворени врати, шефот на грчката дипломатија да ги информира премиерот и министрите за последните случувања во македонско – грчките односи.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/01/2018 22:04