Министерот за внатрешни работи на Грција Панос Скурлетис смета дека постојат предуслови за да се затвори спорот меѓу Македонија и Грција со едно заемно прифатливо име.
Скурлетис, јавува дописникот на МИА од Атина, во интервју за радиото „Практорио ФМ“, на грчката државна агенција АНА-МПА, вели дека Владата има јасна позиција за сложено ерга омнес име и се наоѓа пред голема можност да се затвори прашањето, кое, како што рече, со децении ја измачува земјата
- Ние како Влада имаме разјаснето дека името може да го содржи терминот Македонија со географска одредница и да е за севкупна употреба. Оваа позиција, што е и позиција на земјата веќе неколку години, мислам дека е правилна основа за денес да бараме решение за ова прашање, рече министерот за внатрешни работи на Грција.
Скурлетис во интервјуто вели дека за националните прашања, се подразбира дека е потребно да има широко мнозинство и во општеството и во Парламентот.
Во однос на ставот на коалицискиот партнер во Владата, министерот за внатрешни работи на Грција, кој доаѓа од редовите на СИРИЗА, вели дека Владата има позиција, независно од тоа што поддржува Каменос.