Македонската ракометна репрезентација ја победи фаворизираната Словенија во првото коло на ЕП во Хрватска со 25:24.

Македонските репрезентативци предводени од Раул Гонзалес и подрени од две до три илјади македонски навивачи во Загреб забележаа голема победа во првото коло на ЕП во Хрватска против фаворитот Словенија.

Словенците подобро го почнаа натпреварот и ја имаа контролата врз играта на стартот. Направија предност од три гола која ја одржуваа до самиот финиш на полувремето.

Нашите репрезентативци неколкупати не искористија чисти позиции за гол, а одбраната почна подобро да функционира кога на голот застана вториот голман Никола Митревски.

Во последните минути на првиот дела Македонија ја презема инцијативата и до крајот на полувремето стигна и до израмнување на резултатот, 11:11.

На стартот на второто полувреме нашите репрезентативци продолжија со одлична игра и направија предност од три гола, која на два пати беше зголемена на четири голови.

Од средината на вториот дел до последните пет минути на натпреварот и двете репрезентации играа гол за гол. Меѓу стативите се врати Борко Ристовски и неколку пати одлично интервенеираше. Во самиот финиш бронзените од последното светско првенство неколку пати направија грешки во нападот, а нашите репрезентативци рутинирано го приведоа мечот до крај за голема и посакувана победа во второто балканско дерби на Европското првенство.

Најефикасен во нашата репрезентација е Дејан Манасков со осум голови, Кире Лазаров постигна седум, Миркуловски два, а по еден дадоа Пешевски, Прибак, Стоилов и Филип Талески. Кај Словенците Жига Млакар беше прв стрелец со четири гола, а по три дадоа Зарабец, Јанц, Цингесар и Благотиншек.

Во првиот натпревар од нашата група Германија убедливо ја совлада Црна Гора со 32-19.

Во понеделник во 20:30 часот нашата репрезентација го игра вториот натпревар во групата Ц против Црна Гора.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/01/2018 03:18