Капитенот на Македонија, Кире Лазаров триумфот над Словенија (25:24) го посвети на навивачите кои им дадоа голема поддршка на „црвено-жолтите“ во „Арена Загреб“.

– Уште на загревање кога истрчавме на паркетот ја почувствувавме поддршката од нашите верни навивачи кои поминаа голем пат да дојдат да нè бодрат. Тие се клучниот фактор за нашата победа. Секако и ние на теренот имаме заслуга. Одигравме паметно кога се одлучуваше победникот. Ја задржавме топката до крај во последниот напад. Заслужено ги освоивме бодовите. Одиме малку да се одмориме и уште посилно против Црна Гора. Во никој случај не смееме да ги потцениме Црногорците – изјави Лазаров.

Тој со седум голови беше втор стрелец во нашиот тим, зад Дејан Манасков кој постигна осум голови, но капитенот имаше извонредни асистенции во неколку битни моменти.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/01/2018 12:55