Македонија повторно гори. Одговорноста ја презема познатиот пироман под име Раул Гонзалес. И додека она палење на клупско ниво од Келн, веќе го сведовме под она „се е тоа нормално“, што ќе биде со репрезентацијата која ги победи бронзените од последното Светско првенство?Додуша, Шпанецот не мора да ги потпалува момците кои носат црвени дресови. Тие горат сами од себе. Веќе во Катар пред три години „главите им беа во колената“ кога најавуваа крај, неодењето во Рио беше нокаут и „крај на една генерација“, а просечно одиграното Светско првенство во Франција, каде Словенија ги „исчисти“ со 29:22, беше доказ се лимитирани.

Е сега, избришете го последниот пасус. Играат Кире и Ацо во 38-мата, Борко со 36, а Жути Миркуловски со 35 „гура“ во својот познат стил „не е важно колку пати си паднал, туку колку пати си станал“. Репрезентацијата веќе не им треба ниту за договори, ниту за слава. Може да им го загрози здравјето и да им ја заврши акриерата?

А како ја играат таа игра на „ивица на жилет“? Играат да се наежиш. До крај, без компромис, Кадарот на 35 секунди пред крајот на кој беше „фатен“ Јоновски како „жмури“ со рацете преку лицето- може да го замени целиот овој текст, кој нема да има повеќе од 300-400 зборови.

Кога би знаел да говори, што мислите, што денеска би кажал грбот на Стојанче Стоилов? На него синоќа ја издржа половина Словенија! Гледњето на ќотекот кој го доби од Благотиншек (Благи- каков парадокс за еден надимак), Жабиќ, Шухолезник, Мачковшек, во исто време беше и мачно и спектакуларно. Црвен во лицето како устата да му е полна со лути пиперчиња, со носот кој му допираше колена, сепак кога ќе се повлече цртата- остана на нозе.

-Ако на овој Стоилов еден ден му здосади ракометот, може слободно да се пријави за Стронгмен- да влече камиони од место со сајла преку грбот и да трча со тракторски гуми, беше првата порака која ја добив после мечот во Згареб од еден пријател- кој патем не се разбира во ракомет, но остана допрен после сето она што го виде во дуелот меѓу Македонците и Словенците.

Живота Богдановиќ од „Балкан хендбол“



Автор: Администратор
Објавено на: 15/01/2018 13:22