Македонската ракометна репрезентација славеше и на вториот натпревар во групата Ц на Европското првенство во Хрватска, овојпат над Црна Гора со 29-28.
Со втората победа обезбеден е пласманот во следната фаза и сега следи пресметката со Германија за првото место во групата Ц.
Македонските ракометари добро го отворија натпреварот и на двапати имаа водство од два гола разлика, 2-0 и 4-2, но по неколку нереализирани напади им дозволија на Црногорците да го свртат резултатот во своја полза. Противникот стигна и до „плус три“, 5-8, но Миркуловски внесе сигурност и во нападот и во одбраната, па Македонија се врати во натпреварот и го израмни резултатот на 10-10 во 19-тата минута.
Во финишот на првиот дел Црна Гора ги искористи исклучувањата на Никола Маркоски и на Дејан Манасков за да ја одржи предноста на минимални 15-16.
Второто полувреме Македонија го почна со Никола Митревски на голот, но проблемите во нападот продолжија и со играч повеќе не реализиравме два напади, а капитенот Лазаров промаши пенал.
Црногорците стигнаа до 17-19, но нашите ракометари во вистински момент заиграа поцврсто во одбраната за предност од 20- 19. Кузмановски постигна нов гол за 21-19 и изнуди уште едно исклучување. Нервозата кај Црногорците стануваше сè поголема, па Липовина беше исклучен за неправилна измена, а Македонија со головите на Филип Лазаров и на Манасков поведе со 24-20.
Судиите престрого го исклучија Јоноски, но Кире Лазаров одигра одлично во одбрана и спречи гол од противничката половина во периодот кога бевме без голман. Капитенот одигра одлично и во нападот и погоди за водство од 26-22.
Црногорците не се откажаа и стигнаа до 26-24, потоа и до 27-25, по што Раул Гонзалес го врати Борко Ристовски на голот.
Црна Гора се приближи на 27-26 и имаше напад за израмнување, но Мирковски украде топка и постигна гол преку контра за водство од 28-26 на три и пол минути до крајот. Противникот намали на 28-27, а потоа во одбраната тргна со „фластер“ на Кире Лазаров. Кузмановски презеде одговорност и тргна на шут, но беше брутално фаулиран од Вуковиќ, кој заработи црвен картон.
Исто како и на натпреварот со Словенија во клучен момент погоди Филип Лазаров, но потоа Манасков заработи исклучување.
Одбраната во пресудните моменти одигра одлично, победата за завери Борко Ристовски со извонредна интервенција.
Филип Кузмановски беше најефикасен со пет погодоци, по четири постигнаа Манасков, Кире Лазаров и Миркуловски, додека три гола даде Филип Лазаров.
Македонија со овој триумф дефинитивно има пласман во следната фаза, каде ќе пренесе најмалку два бода, а доколку во среда славиме над Германија во втората рунда ќе влеземе со четири бода.