Борис Тадиќ оцени дека Србија со политичките убиства се враќа во 90-те години и додаде дека убиството на Ивановиќ е терористички чин.

Српската опозиција остро го осуди убиството на лидерот на Граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда“, Оливер Ивановиќ, со барање за зачувување на мирот и итно откривање на сторителите.

Поранешниот српски претседател и лидер на Социјалдемократската партија, Борис Тадиќ оцени дека Србија со политичките убиства се враќа во 90-те години и додаде дека убиството на Ивановиќ е терористички чин.

Тадиќ потсети дека Оливер Ивановиќ се борел за помирување меѓу српскиот и албанскиот народ, и воедно побара сите да се воздржат од оценки кој е крив за убиството додека не се заврши истрагата, а актуелната власт да се „воздржи од ширење на агресија во српскиот јавен и политички простор.“

Лидерот на Движењето на слободни граѓани (ПСГ) Саша Јанковиќ на заедничка прес-конференција со Вук Јеремиќ, Драган Ѓилас, Борко Стефановиќ и Јанко Веселиновиќ оцени дека убиството е насочено против интересите на српскиот и на албанскиот народ.

Тој ја цитираше изјавата на директорот на владината Канцеларија за Косово, Марко Ѓуриќ, кој пред косовските избори изјави дека „гласот за Оливер Ивановиќ, е глас за разбивање на српското единство на Косово и Метохија.“ Јанковиќ наведе и други изјави на убиениот Ивановиќ со кои тој предупредува на безбедоносните проблеми во северниот дел на Косово.

- Режимот ги поништи сите граници, изјави Јанковиќ, додавајќи дека „ние не смееме едни на други да си бидеме крвни непријатели, а политичките противници не смеат да се прогласуваат за предавници.“

Според Вук Драшковиќ од СПО, убиството на Ивановиќ во Косовска Митровица е „политички тероризам, извршен според моделот на безбедоносните служби на Слободан Милошевиќ од 90-те години на минатиот век“.

Драшковиќ истакна дека пукањето во Ивановиќ е „пукање во Бриселскиот договор, внатрешниот дијалог за Косово, на стабилноста во регионот и на европскиот пат на Србија“. Според Драшковиќ „Ивановиќ беше глас на разумот....во средина во која на многумина им пречеше“.

Лидерот на ЛДП, Чедомир Јовановиќ во соопштението по повод убиството на Оливер Ивановиќ наведе дека „...тоа е загуба за сите луѓе кои во дијалогот и во смирување на тензиите и во косовското и во српското општество виделе одговор на сето она што ни се случува со децении.“

Јовановиќ во соопштението побара „воздржаност и политичка мудрост, со цел оваа трагедија да не се искористи за оддалечување на Белград и Приштина, бидејќи ова е удар и за Албанците и за Србите кои сакаат мирно да живеат и да ги решаваат своите основни потреби“.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/01/2018 00:03