Заменик-грчкиот министер за надворешни работи Јанис Аманатидис во изјава за Скај не го отфрли терминот „Македонија“ како дел од предлогот за решавање на прашањето за името и напомена дека привремената референца веќе го содржи тој термин.
- Повеќе од 140 земји веќе ја нарекуваат земјата Република Македонија - рече Аманатидис, коментирајќи ја изјавата на Нимиц дека во предлогот ќе биде содржан терминот „Македонија“.
Тој потенцира дека целта на Атина е сложено име за севкупна употреба, кое ќе се користи и во Македонија и надвор од неа, како и елиминирање на иредентизмот од страна на Скопје.
Тој во изјавата не спомена географска одредница. Додаде дека постојат други параметри, кои ќе го одредат текот на преговорите и ќе ја разјаснат грчката дипломатија.
Во врска со ставовите на архиепископот Јероним, Аманатидис истакна дека Владата секогаш го зема предвид мислењето на црквата, но сепак Владата е одговорна за преговорите.
Архиепископот на Атина и цела Грција, Јероним, уште еднаш напомена дека позицијата на Грчката православна црква е јасна и оти таа е против терминот „Македонија“ да се содржи во името.