Процесот на преговори во ОН има своја историја и не треба да се потцени, но потребно му е освежување, вели алтернативниот министер за надврешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, во интервју за радиото на грчката новинска агенција, во однос на денешната нова рунда разговори на медијаторот со преговарачите на двете земји.
- Не треба да се потценува процест во Њујорк и поради тоа што е под покровителство на ООН и затоа што веќе има историски тек од многу години. Но, токму поради тоа што го има овој историски тек од многу години, треба од време на време да се освежува, особено кога некој бара решение, како што ние бараме во овој момент - вели Катругалос за „Практорио ФМ“.
Тој, како што јавува дописникот на МИА од Атина, вели дека е оптимист и дека се чини дека постои прозорец на можност за решение, особено поради промената на позицијата на другата страна, „која што не ја следи радикалната националистичка политика од последните неколку години“.
- Нашите обиди се на сите полиња. Ги немаме само преговорите во ОН, имаме и директни преговори меѓу двете страни - додава алтернативниот министер за надворешни работи на Грција.