- Никогаш не постоела македонска нација во античко време, како што не постоела ниту нација на атињаните и спартанците, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас во интервјуто за утрешното издание на весникот „Етнос“, пренесува МИА.
- Македонска нација никогаш не постоела во античко време, како што не постоела и нација на атињаните или спартанците. Античка Македонија беше голема сила на античкиот грчки свет која се прошири, особено во времето на Александар Велики, многу пошироко од денешната географски област Македонија, вели Ципрас во интервјуто.
Тој посочи дека од 7 век па натаму, се населиле на ова место сукцесивно, покрај Грците и Словени, Бугари, Срби, Евреи и Отоманци.
- Денес, оваа поширока географска област припаѓа на три различни држави. Во оваа смисла е сосема спротивно на историјата и апсурдно некои да побарат ексклузивност на Македонија и во смисла на етничка идентификација, вели Ципрас.
Меѓутоа, како што посочува, „не е апсурдно терминот Македонија да е вклучен во сложено име, со географска или временска одредница која ќе важи за сите, така што да биде јасно дека никој не бара територии или историја на други народи“.
Ципрас во интервјуто говори детално за прашањето за името, ги отвора картите за спорот меѓу двете земји, опишува какво име би прифатила грчката влада и вели дека особено важно прашање е иредентизмот.