Според последното истражување на Галуп во новата администрација на САД предводена од претседателот Доналд Трамп, доверба имаат 45 отсто граѓани на Македонија.
Во однос на останатите земји од поранешна Југославија, за разлика од Македонците речиси за половина помалку или 24 отсто од Словенците имаат доверба кон администрацијата на Трамп, исто колку и Хрватите, како и една четвртина од Црногорците или 28 отсто од граѓаните на Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Белград.
Најмалку доверба кон администрацијата на Трамп во регионот имаат Србите – само 16 отсто, наспроти 58 отсто кои воопшто не се согласуваат со Трамп, што според весникот „Данас“ се должи на степенот на антиамериканизам што постои кај Србите и кој е забележлив во таблоидите.
Истражувањето на Галуп, кое го опфаќа целиот свет, покажа дека кога станува збор за Европејците, Трамп најмногу го поддржуваат граѓаните на Косово (во истражувањето тоа е одвоено од Србија) со 75 отсто. Следат Албанците со поддршка од 72 отсто. На дното на Европското рангирање на Галуп, на 41-то место, кога станува збор за доверба кон Трамп се Русите со поддршка од само осум проценти, Исланѓаните исто со осум проценти, Швеѓаните 11 проценти, Португалците 12 проценти и Норвежаните со 13 проценти.
Според анкетите на Галуп, Италијанците (45 отсто), граѓаните на Македонија (45 отсто), Романците (41 отсто) и граѓаните на Вишеградската група (меѓу 37 и 56 отсто од поддршката) се покажаа како поумерени „навивачи” на американскиот претседател.
За разлика од нив, резултатите од анкетата покажуваат дека трамповата политика ја подржуваат една четвртина од Французите, 22 проценти од Германците и 33 проценти од граѓаните на Обединетото Кралство.
Според Галуп – американска Агенција за истражување на јавното мислење која има 30 канцеларии во повеќе од 20 земји, политика на американскиот претседател Доналд Трамп во просек ја одобруваат 30 проценти од светот. Пред две години, според анкетите, додека американски претседател беше Барак Обама, тој имаше глобална подршка од 48 отсто.