„Македонија е Грција“ пишува на паното закачено од рано утрово над бината во центарот на Солун, каде што во 14 часот по локално време ќе се одржи долго најавуваниот протест против името Македонија. Грчкиот град денеска живее во ритамот на демонстрациите, со зголемено полициско присуство и поради протестот, но и поради контра-протестот што го организираат анархистички и левичарско ориентирани организации.
Во центарот на Солун од вчера веќе се залепени плакати како најава за собирот, на кои пишува „Македонија значи Грција“. А токму ова заедно со слоганот „Македонија е една и грчка“ се очекува да биде главното мото на протестот. Според организаторите, јавува дописникот на МИА од Атина, се очекува да се соберат околу 30 илјади граѓани, кои со организиран превоз, со 500 автобуси од доцна синоќа, од цела Грција, пристигнуваат во Солун.
Организатори на собирот се грчки здруженија и организации од дијаспората, а имаат поддршка, меѓудругото, и од политички партии, спортски и христијански здруженија, градоначалници и митрополити од различни општини. Преку протестот, бараат да не се користи терминот „Македонија“ во името на нашата земја.