Ракометарите со желба да ја продолжат успешната серија вечерва против Шпанија, 5.000 навивачи во Вараждин

Македонската ракометна репрезентација е пред нов предизвик. Вечерва во Вараждин во дуел од групата 2 на Европското првенство во Хрватска, Македонија ќе игра против финалистот од последното ЕП Шпанија. „Црвената фурија“ има пет победи во дуелите со Македонија, од кои две на Европски првенства и една на Светското првенство, како и две во квалификации.

Но, Македонија во денешниот дуел ќе влезе со многу мотиви и желба да се постигне посакуваната победа, која ќе ги „подотвори“ вратите од полуфиналето.

Македонските ракометари ќе ја имаат и поддршката од трибините и се очекува барем половина од капацитетот на „Вараждин Арена“ 5.200 места да биде исполнет со македонски навивачи.

Селекторот Раул Гонзалез во составот ќе го врати Филип Лазаров кој поради мала повреда го пропушти дуелот со Германија и тој ќе го заземе местото на Никола Маркоски.

– Шпанија е селекција од самиот врв, најнезгоден противник со кого ќе играме на ова ЕП, шансите се 50-50, а доколку победиме со една нога ќе бидеме во полуфинале. Треба да ја дадеме најдобрата партија за да победиме, изјави Филип Миркуловски.

Денешниот натпревар Македонија и Шпанија ќе го судат белоруските судии Андреј Гуско и Сергеј Репкин. Почетокот на дуелот е во 20:30 часот, додека пред овој натпревар се игра дуелот Германија Данска (почеток 18:15 часот).



Автор: Администратор
Објавено на: 21/01/2018 20:49