По трите кола без пораз во првата фаза, македонската ракометна репрезентација загуби од Шпанија со 11 голови разлика и остана без капитенот Кире Лазаров кој се повреди по 11 минути.
Македонија одигра слабо прво полувреме и за 30 минути игра постигна само шест голови со што завршија сите надежи за победа против двократниот светски шампион Шпанија.
Избраниците на Раул Гонзалес го одиграа најлошиот натпрвеар на Европското првенство. Шпанците ја прочитаа нашата игра и нè надиграа во текот на целиот меч кој беше решен уште во првото полувреме кое заврши со големи 15:6 за „фуријата“.
Македонија немаше решенија за шпанската одбрана и само во прво полувреме направи 14 технички грешки. До 15-тата постигнавме само два гола, и двата од удари од седум метри.
Борко Ристоски имаше 7 одбрани, но неговите соиграчи не ги искористија неговите одбрани и имаа само 26% успешни удари.
Дополнителен проблем беше и повредата на капитенот Кире Лазаров кој по само 11 минути беше приморан да седне на клупата.
Нашите ракометари заиграа подобро во второто полувреме, но голманот на Шпанците Де Варгас не допушти изненадување и го заврши мечот со дури 18 одбрани.
Разликата од 9 погодоци по првиот дел беше преголема да се очекува чудо против силниот противник кој до крајот рутински славеше со 31:20.
Никола Митревски беше одличен во второ полувреме со 14 обрани, а наши најефикасни ракометари беа Манасков и Стоилов со по 4 гола.
Вториот натпревар го играме во вторник против Чешка со почеток од 20:30 часот и само со победа може да се надеваме дека ќе останеме во игра за тоа сензационално полуфинале.