„Македонија е грчка“, „Името е нашата душа“, „Не го даваме и не го отстапуваме името“, „Македонија значи Грција“, беа главните пораки што ги испратија организаторите на протестот во Солун, против името Македонија. Нешто повеќе од четири часа траеше официјалниот дел од собирот, а според грчката полиција, јавува дописникот на МИА од Атина, учество зеле околу 90.000 граѓани. Откако завршија со обраќањата претставниците на здруженијата – организатори, собирот продолжи со музика, меѓутоа заврши ненадејно поради дождот кој ги фати демонстрантите неподготвени.
Млади и стари, семејства со деца, пензионери, членови на партии протестираа во Солун. Според грчките медиуми, протестот, по масовноста ги надмина очекувањата, но ни приближно не наликуваше на демонстрациите од 1992.
Организаторите во нивните обраќања се задржаа на аргументите дека Грција не треба ниту да преговара ниту да прифати име во кое би бил вклучен терминот Македонија, бидејќи „Македонија била е и ќе остане грчка“. На присутните им се обрати и почесниот началник на Генералштабот на грчката армија Франгос Франгулис, кој во 2012 во тогашната службена влада еден месец беше министер за одбрана, во опширниот говор, меѓу другото побара во Грција да се одржи референдум пред да се потпише било каков договорот за името, но и „Скопје да признае грчко малцинство“.
- Нема да прифатиме прашање од типот на „Дали го прифаќате или не името Северна/Горна Македонија?“, туку бараме јасно прашање: “Ја прифаќате или не употребата на терминот Македонија?“, им рече на присутните Франгулис барајќи референдум во Грција. Порача дека нема да отстапат од нивните барања и доколку нема промена на ставот во однос на името Македонија, политичарите ќе се соочат со нив.
На собирот присутни беа пратеници од речиси сите опозициски партии, од Нова демократија, од Демократска алијанса, од Сојуз на централисти, од Златна зора, но и пратеници од коалициониот партнер во грчката влада, Независни Грци.
Официјалниот дел од собирот со обраќање го отвори солунскиот митрополит Антимос, со пораката : Македонија е Грција, Грција е Македонија. И покрај тоа што пред неколку дена рече дека поради препораката од архиепископот Јеронимос, нема да присуствува на протестот, сепак, Антимос, заедно со група митрополити и свештени лица пристигнаа во центарот на Солун.
Грчките медиуми уште на почетокот на протестот објавија различни бројки околу тоа колку граѓани учествуваа на собирот. Но, од грчката полиција, преку официјално соопштенија, како што јавува дописникот на МИА од Атина, велат дека имало околу 90 000 граѓани, а од цела Грција, во Солун пристигнале 284 автобуси, додека пак во кусото соопштение потенцираат дека по завршувањето на собирот ќе излезат со нови податоци.
По завршувањето на протестот во Солун на социјалните мрежи се појави слика во која се гледа како во камион за собирање на смет се фрлени голем број на грчки знамиња.