Грција, по обновување на преговорите со Македонија за решавање на спорот со името, во декември минатата година се соочува со огромни внатрешни политички контрадикторности во однос на ова прашање, објавува грчкото издание „Документо“.

И покрај евидентниот оптимизам за решавање на спорот и кај грчката и кај македонската влада, некои политички фактори и партии во Грција кои речиси три децении се вклучени во спорот одбиваат да изнесат јасна позиција, иако во минатото многумина од нив беа мошне блиску до неа.

„Документо“ изнесува факти за тоа каков став зазеле тројца политичари од конзервативната партија Нова демократија во минатото во однос на прашањето за името, пренесува МИА.

Прв, кој дал потврда за името Македонија бил Андонис Самарас. Тој во 1991 година ја потпишал спогодбата во која „ПЈРМ“ од него била наречена „Република Македонија“.

Весникот потсетува дека во декември 1991 година министрите за надворешни работи од Европската економска заедница се состанале да го одобрат воспоставување трговски односи со земјите, кои произлегле од распаѓањето на Југославија.

Спогодбата, која ја потпишал Андонис Самарас, тогашен министер за надворешни работи во владата на премиерот Константинос Мицотакис била насловена како „Извештај на ЕЕЗ број 3567/91, усвоен од Советот на 2 декември 1991 година, во врска со статусот, кој се однесува на увозот на стоки со потекло од републиките, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија и Словенија“.

Во материјалот се вели дека тоа било првото признавање на Македонија од Самарас, кој во ЕЕЗ ставил и потпис на тој документ, со кој се признава распаѓањето на Југославија, без при тоа да се поставуваат услови за тоа како ќе се нарекува северниот сосед.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/01/2018 20:08