Капитенот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров ги заврши прегледите во болница во Загреб, но не соопшти за видот и тежината на повредата и дали ќе биде во составот за средбите со Чешка и со Данска.

Лазаров се повреди при еден доскок на синоќешниот дуел со Шпанија по само 11 минути игра и не го продолжи натпреварот по кој Македонија го запиша првиот пораз на Европското првенство во Хрватска. Капитенот до крајот на средбата остана на клупата за резерви со ладна облога на задната ложа од десната нога.

Сепак, и покрај поразот, избраниците на селекторот Раул Гонзалес со две победи имаат шанса да се пласираат во полуфиналето, бидејќи во втората фаза пренесоа три бода. Македонија утре игра со Чешка, а в среда со Данска.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/01/2018 20:13