На средбата Заев – Ципрас во Давос, очекуваме да се направи напредок во насока на изнаоѓање на едно взаемно прифатливо решение, изјави портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос, објави МИА.
Ѕанакопулос на денешниот редовен брифинг со новинарите кажа дека сите прашања поврзани со разговорите за името и иредентизмот ќе се најдат на агендата разговори меѓу македонскиот и грчкиот премиер во среда во Давос.
– Во изминатиот период, постоеја изјави, излагања и од двете страни и од страна на грчката влада и од страна на владата на поранешната југословенска Република Македонија кои ги менуваат, особено вторите, ги менуваат иредентистичките излагања од минатото и покажуваат една исклучително интензивна и искрена, според нашето мислење, волја за да се најде едно взаемно прифатливо решение.
И токму ова ќе биде рамката во која ќе се одржи и средбата со господинот Заев на 24 јануари во Давос. Се надеваме дека за време на оваа средба ќе се постигне вистински напредок кон изнаоѓање решение, рече Ѕанакопулос, пренесува МИА.
Одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали на средбата, грчкиот премиер ќе побара некакви конкретни чекори на добра волја од неговиот македонски колега, како на пример промена на уставот и иредентизмот, портпаролот на грчката влада вели дека сите овие теми се јадро на преговорите.
-Разговараме за сложено име со географска или временска одредница ерга омнес. Ерга омнес, треба да ви кажам, дека ја вклучува и самата соседна земја, во спротивно немаше да биде кон сите, туку ќе беше само кон некои и секако во јадрото на преговарачките позиции на нашата земја е вклучено и отстапување од секаков вид на иредентистичка перспектива, изјави портпаролот на грчката влада, објаснувајќи дека двајцата премиери ќе разговараат токму за овие прашања.
За вчерашниот протест во Солун, Ѕанакопулос вели дека во грчката влада биле свесни и знаеле дека дел од грчките граѓани имаат посебна чувствителност во врска со прашањето за името, но додава дека „оваа чувствителност не треба да биде предмет на злоупотреби од радикални сили кои само лошо прават во обидите да се најде решение.“ Ѕанакопулос ги спомена и протестите од 1992, како пример дека наместо да помогнат, ги поткопаа обидите за изнаоѓање решение. -Знаевме, како грчка влада, дека некои граѓани имаат посебна чувствителност за конкретното прашање, но треба да ви кажам дека тонот на конкретниот протест, политичката насока што ја доби, имаше една радикално десничарска, ултра националистичка насока, што сметаме дека не го изразува мнозинството на грчките граѓани, потенцира Ѕанакопулос и вели дека протестите не може да влијаат на надворешната политикa.
Во однос на можноста за распишување референдум за името и во Грција, владиниот портпарол, на денешниот редовен брифинг со новинарите, рече дека владата не размислува за такво нешто. Претходно денеска Владата на Република Македонија работи на анализа и консулатации за предлозите на медијаторот Метју Нимиц за решение на прашањето за името. – Во наредниов период ќе вложиме напори за што е можно по инклузивен процес со вклученост на сите релевантни политички фактори во земјава, а се во насока на градење заеднички приод, став и стратегија“, се наведува во изјавата од Владата за МИА.
Во меѓувреме, грчката ТВ ЕРТ објави дека посредникот на Обединетите нации во спорот за името Метју Нимиц, во следните десет дена ќе ги посети Атина и Скопје. ЕРТ потсетува на изјавите на Нимиц дека е оптимист оти проблемот за името на Македонија може да се реши во следните шест месеци.