Особено важна и клучна е средбата во Давос, а разговорите за името се пренесуваат на највисоко ниво, ова се најчестите коментари во грчките медиуми во пресрет на средбата на двајцата премиери.

Сите очи се вперени кон швајцарскиот зимски центар, каде, според официјалната програма на грчкиот премиер, за 13 часот е закажана утрешната средба на Зоран Заев и Алексис Ципрас, на маргините на Светскиот економски форум,јавува дописникот на МИА од Атина.

Процените во Грција се дека на средбата, грчкиот премиер ќе настапи со позицијата на Атина за сложено име со географска или временска одредница за севкупна употреба. Ова го објавува и грчкиот весник „Авги“, што важи за гласник на владејачката СИРИЗА, со коментар дека грчката влада позитивно го оценува ставот на македонскиот премиер кој „за разлика од иредентизмот на неговите претходници“, покажува расположение што би придонело да се најде решение, но Атина очекува оваа позиција паралелно да се покаже и во пракса.

– Грчкиот премиер на неколку пати ја повтори националната позиција и како што најавуваат нашите извори, се очекува да ја изрази и на билатералната средба со премиерот на ПЈРМ: сложено име, заедничко за сите (ерга омнес) и отфрлање на секаков вид иредентизам од страна на соседната земја – пишува „Авги“, пренесува МИА.

Во Грција, постои доза на умерен оптимизам дека утрешната средба може да донесе некаков напредок кон решение. Но, многу работи ќе бидат појасни откако ќе завршат разговорите меѓу Зоран Заев и Алексис Ципрас.

Ова го повторија и владиниот портпарол и шефот на грчката дипломатија.

– Мислам дека одредени теми за кои ќе се разговара в среда на 24 јануари во Давос, ќе покажат каде се движиме – рече вчера министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас.

Портпаролот на грчката влада, како што вчера објави МИА, на редовниот брифинг со новинарите откри дека сите прашања ќе се најдат на агендата разговори меѓу македонскиот и грчкиот премиер и изрази надеж дека ќе има напредок.

– На средбата Заев – Ципрас, очекуваме да се направи напредок во насока на изнаоѓање на едно взаемно прифатливо решение – истакна портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос.

Весниците „То Вима“ и „Катимерини“, во нивните неделни изданија, повикувајќи се на свои извори, анализираат дека разговорите и изнаоѓањето решение во пресрет на средбата во Давос, се префрлаат на највисоко ниво.

– Владини и дипломатски извори велат дека на средбата не е исклучено да има и соопштенија кои ќе испратат порака дека двете страни одлучно одат напред кон решение. Висок владин извор потенцира дека „решението ќе се најде на највисоко ниво – пишува „То вима“, пренесува МИА.

– По средбата во Давос, веројатно е дека на почетокот на февруари, разговорите ќе продолжат на политичко ниво, овој пат меѓу двајцата министри за надворешни работи, кои ќе бидат присутни во Давос. Како што додаваат добро информирани владини извори, разговорите на ниво на преговарачи го исцрпија нивниот потенцијал – објави „Катимерини“.

Доколку на средбата во Давос има некаков напредок и нешто конкретно, тогаш не е исклучена можноста Ципрас да ги информира лидерите на грчките политички партии. Портпаролот на грчката влада, рече дека за сега не е познато кои би биле чекорите на владата, но доколку постои некаква разврска ќе презеде иницијативи за да се создаде најширок можен консензус за изнаоѓање решение.

Она што, според медиумите во Грција, предизвикува одредена загриженост кај владата е протестот во Солун пред два дена, но и новиот закажан за 4 февруари. Коментарите во дел од медиумите се дека масовниот собир во Солун, беше порака до владата, но и дека средбата Заев -Ципрас е во сенка на демонстрациите.

Грчкиот долг и спорот со името, ќе бидат во фокусот на средбите што Алексис Ципрас ќе ги има на маргините на Светскиот економски форум во Давос. Освен со неговиот македонски колега, грчкиот премиер, јавува дописникот на МИА од Атина, ќе се сретне и со премиерите на Албанија и Хрватска, а во четврток напладне ќе оствари средба и со комесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/01/2018 14:32