Министерот за внатрешни работи на Грција, од редовите на СИРИЗА, ги почитува различните ставови на Независни Грци, но не се согласува со нив и преку интервју за грчкото радио Реал фм, им порача да бидат внимателни во нивните постапки.
За спротивниот став на коалициониот партнер во грчката влада, Панос Каменос, министерот за внатрешни работи, Панос Скурлетис, како што јавува дописникот на МИА од Атина, вели дека Каменос ја изразува позицијата на неговата партија, а не владината позиција, но и дека лидерот на Независни Грци не оспорува дека владата со конкретната позиција оди на преговорите, туку едноставно не се согласува со неа.
- Се согласувам дека се работи за едно сериозно прашање и би им рекол на Независни Грци, иако го почитувам нивно мислење, со кое не се согласувам, да бидат внимателни во нивните постапки, бидејќи понекогаш се создава таква динамика што ги поткопува вистинските национални напори што сега се прават - вели Скурлетис во интервју за грчкото радио Реал фм.
Во однос на протестот во Солун, министерот за внатрешни работи на Грција вели дека организаторите и учесниците не извлекле никаква поука од демонстрациите во 1992.
- Не беше жесток, беше голем протест, секако во суштина, би рекол дека слушнавме работи што ги слушавме и пред 25 години и е како да не поминал ни еден ден. Тоа покажува дека оние што ставија свој печат, говорниците, оние кои го изразија ставот на народот, дека не извлекле никаков заклучок од овие 25 години и тоа не е охрабрувачко -објаснува Скурлетис во интервјуто за радиото, пренесува МИА .