Македонија го претрпе и третиот пораз во низа во главната фаза 2, која ја завршивме на последното шесто место. Нашите репрезентативци немаа сили за цел натпревар и ја загубија средбата со Данска, со резултат 20:31 (12:12).
Во првото полувреме видовме одлична игра на нашите избраници, кои се чинеше дека успеаа да се опорават од вчерашниот мачен пораз од селекцијата на Чешка. Иако Данците водеа во текот на сите 30 минути, овој период од играта заврши со израмнети 12:12.
Сепак, во вториот дел Данска ја покажа својата моќ и одигра скоро безгрешни 30 минути во кои успеа да создаде предност од дури 11 гола разлика, за конечни 20:31 во полза на нашиот противник.
Најдобар поединец во нашиот состав беше Филип Кузмановски, кој постигна шест погодоци, а врз него беа направени и два седмерци.
Македонија заврши со своите обврски на ЕП во Хрватска и на крајот обезбеди пласман на 11 место, на истото како и на минатото ЕП во Полска.